logo
logo
logo

Милан Поповиќ: Во ваква ситуација се бара мотив повеќе

Vecer | 16.02.2021

Милан Поповиќ: Во ваква ситуација се бара мотив повеќе

Од Плоцк, Марија Ковачева

Металург денеска го игра вториот од двата натпревари со Висла Плоцк во Европската лига. Поради повредите и проблемите со корона пандемијата, македонскиот тим во Полска допатува со десеткуван состав, на располагање на тренерот Оливер Димитриоски останаа само 11 играчи, но „металурзи“ сепак, решија да се консолидираат и да ги одиграат овие натпревари со првиот фаворит во групата. Шанса добија неколку млади играчи од вториот тим на Металург да заиграат на европска сцена и колку-толку да ги одменат оние поискусните кои го носат поголемиот товар. Црногорскиот интернационалец, Милан Поповиќ, истакнува дека и во вакав ситуација сепак, најважно е што Металург да остане во игра.

„Сите сме свесни за моменталната ситуација и играчите кои тргнаа и оние кои имаат вирус, па еве сега и повредите што ни се случуваат. Сето тоа некако не стигна. Но, што е тука  е. Мислам дека е добра работа што воопшто се играат овие натпревари, што не се губат на „зелена маса“ туку се играат. Ова е посебно важно за младите играчи, за нив овие натпревари значат многу. Тоа е, мора да се продолжи понатаму и да се обидеме што побрзо да се консолидираме за може колку-толку подготвени да го дочекаме она што сепак, ни е во преден план, а тоа е домашното првенство. Овие натпревари служат како некое искуство повеќе посебно за младите играчи и тоа е тоа“, истакнува Поповиќ.

 

За да биде маката уште поголема, на првиот меч во Плоцк се повреди и дефанзивецот Велко Марковски и тој нема да може да настапи на денешниот натпревар, но Металург останува со 11 играчи бидејќи во составот денеска ќе дебитира новото засилување, Василие Калуѓеровиќ. За да се преброди сето тоа и да се издржи 60 минути на терен со противник како што е Висла Плоцк, потребна е и физичка и психичка подготвеност и во сето тоа да се најде мотив плус.

„Седум-осум играчи не се во составот и некако се подготвуваш и физички и психички на тоа пред натпреварот, зависно од ситуацијата. Таква е моменталната ситуација што секогаш се бара некој мотив повеќе. И во оваа ситуација, сите ние излегуваме на терен да дадеме максимум. Сега, за колку ќе биде тоа доволно не се знае. Видовме и самите, првиот натпревар со Висла заврши како што заврши, но мислам дека сите момци дадоа се од себе.  За жал, и покрај вирусот и сите други проблеми, се случи и повредата на Велко, уште една повреда и прашање колку ќе отсуствува. Тоа е она што повторно не ни оди во прилог, но пак ќе кажам, што е тука е ! Сето тоа е спорт и вака или така сепак, ние мора да одиме до крај“, вели левото крило на Металург.

За Металург главна цел сезонава останува домашниот плеј-оф и европските натпревари и покрај сите проблеми, се во функција токму на тоа подготвено да се влезе во завршницата на шампионатот. Во ваква сезона однапред не може ништо да се предвиди, но Поповиќ е оптимист дека Металург може да влезе во трка со Вардар и со Еурофарм Пелистер, ако се тече според планот.

„Гледате и сами каква е сезоната уште од самиот почеток – непредвидливо. Ништо не се знае, ништо не може да се гарантира. Во ваква ситуација не можат дури ни Вардар ни Еурофарм Пелистер или било кој друг, да даде  гаранција дека ќе биде вака или така. Тешко е нешто воопшто и да се прогнозира бидејќи за два дена се може да се сврти. Може на некоја екипа која е моментално фаворит да и се случат вакви ситуации како што ни се случија нам и тоа да поремети се. Се надеваме дека што поскоро ќе се опоравиме, дека ќе се врат играчите, а ќе дојдат и некои нови и така консолидирани мислам дека можеме да влеземе во трка со Вардар и со Еурофарм Пелистер, ако биде се како што треба. Ако продолжи ваквиот тренд, тогаш тоа ќе биде многу тешко. Но, што е тука е! Борбата е до крај, па ќе видиме како ќе биде. На крајот од сезоната се сумираат и резултатите и впечатоците, па ќе видиме што сме направиле и до каде сме стигнале“, вели Милан Поповиќ.

По денешниот дуел со Висла Плоцк на Металург во Европската лига му преостануваат уште гостувањето во Австрија против Фиверс на 23 февруари и дуелот со Адемар Леон на домашен терен на 2 март.


sportmedia.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk