logo
logo
logo

Маунт е новиот Лампард во Челзи, за кратко време стана движечка сила во екипата

Vecer | 06.05.2021

Маунт е новиот Лампард во Челзи, за кратко време стана движечка сила во екипата

Челзи во текот на летото даде многу пари за да ги донесе Каи Хаверц и Тимо Вернер и да го засили средниот ред и нападот. Меѓутоа ниту еден од нив не стана толку важен како младиот Мејсон Маунт сезонава. Англискиот репрезентативец игра прекрасно. Дојде во Челзи на 6 години, а под влијание на неговиот идол Франк Лампард прерасна во врвен фудбалер.

Лампард не погреши што го „лансираше“ во првиот тим, а по неговото заминување Маунт се истакна и под раководство на Томас Тухел покажувајќи дека не му е местото на клупата.

Маунт беше позајмен во Витесе во сезоната 2017/18, а веќе наредната во Дерби Каунти каде што работеше Френк Лампард. Тука Маунт ги увиде неговите квалитети (44 меча, 11 голови и шест асистенции), а потоа кога беше назначен за менаџер на Челзи го врати младиот фудбалер на „Стемфорд Бриџ“.

Маунт на 22 години одигра 102 меча за Челзи, со ефект од 17 голови и 14 асистенции со што ги подобри бројките на „Френки“ во првите 100 меча кој имаше 13 голови. Маунт стрелаше во победата над Реал Мадрид со 2:0 во реваншот од полуфиналето на ЛШ и му помогна на својот тим да избори финале во ЛШ.
Според „Опта“ Маунт е вториот најмлад Англичанец кој постигнал гол во полуфинале на ЛШ (Вејн Руни е пред него). Исто така тој е првиот Англичанец кој дал гол за Челзи во полуфинале по 2008 година и по неговиот идол Франк Лампард.

„Маунт е фудбалер кој бележи најбрз напредок во Премиер лигата и многу ме потсетува на Лампард. Мислам и дека ќе биде подобар. Погледнете колку пари Челзи потроши за Хаверц и Вернер, а тие не се толку важни. Маунт е оној што го предводи тимот“, изјави поранешниот играч на Арсенал и Астон Вила, Пол Мерсон.

„Тој е комплетен играч – талентиран, физички спремен и ментално силен. Најважно од се е карактерот, цврсто стои на земја и не лета во облаци“, изјави Томас Тухел.

Маунт во досегашниот дел од сезоната има девет голови и осум асистенции и се чини дека без проблем ќе ја освои наградата „Играч на сезоната“ во Челзи.

ЈА ОСВОИ МЛАДИНСКАТА ЛШ

Мејсон Маунт беше во младинскиот тим на Челзи кој триумфираше во младинската Лига на шампиони во 2016 година. Во финалето „сините“ го совладаа Пари Сен Жермен. Освен трофејот од младинската ЛШ со Челзи беше младински англиски шампион (2017) и двоен освојувач на младинскиот ФА куп (2016 и 2017).

Со сениорите Маунт има шанса за двоен триумф сезонава. Челзи игра во финалето на ФА купот (против Лестер) и во финалето на ЛШ (против Манчестер Сити).


sportmedia.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk