logo
logo
logo

Македонија не е случајно на ЕП...

Vecer | 19.06.2021

Македонија не е случајно на ЕП...

Кога за пет минути ќе примите два гола, тогаш очигледно е дека ви недостасува искуство. Но, ако после тоа не паднете, намалите на 2:1 и го натерате ривалот во “глувчешка дупка“, значи дека имате карактер и дека не сте случајно на ЕУРО 2020.

Да, таков впечаток стекнав после натпреварот во Букурешт во кој пулените на селекторот Ангеловски, по се она што беше прикажано во вториот дел, заслужија барем бод во дуелот со Украина.

Имав можност неколку дена пред почетокот на шампионатот да го посетам Скопје и да разговарам со неколку звучни имиња на македонскиот фудбал, за тоа какви се шансите  Пандев и компанија во групата со три незгодни противници.

Дарко Панчев ми кажа дека од голема важност  е Македонија да остави позитивен впечаток и да победи барем на еден натпревар на ЕП:

“Тоа би било добро за играчите, за Сојузот, а ќе биде добро и за претседателот на УЕФА  Александер Чеферин, зошто утре некој може да му каже `чекај бре Чеферин, што правиш со оваа Лига нации, зошто пушташ аутсајдери да играат на на завршните турнири на големите натпреварувања`“ – во свој стил Панчев објасни зошто Македонија не смее да биде вреќа за удирање на мечевите со Австрија, Украина и Холандија.

Разговарав со Христов и Канатларовски, кои исто така ја апострофираа Лигата на нации како олеснителна околност поради која Македонците првпат во својата историја добија можност да го бодрат својот национален тим на најголемата смотра на европскиот фудбал.

Се сложувам дека новиот систем на квалификации им овозможи на репрезентациите со послаб рејтинг полесно да дојдат до фудбалската елита, но далеку од тоа дека на екипата на Игор Ангеловски некој нешто и подари. Никој не се прошета до ЕП. Впрочем, ако беше така лесно да се пласираш меѓу 24 најдобри селекции на континентот, ни Србите сега нема да се “замараа“ пред ТВ екраните, туку ќе бараа ангажмани по Глазгов и Лондон и со нетрпение ќе ги очекуваа дуелите со Чешка, Хрватска и Англија.

Токму од Христов слушнав феноменална работа, кажа „во Академија на Вардар имаме 30 деца. Од тие само 10 ќе успеат во фудбалот, и тие не ни се толку важни. Повеќе ни се важни тие 290 деца кои ќе станат професори, мајстори, доктори, војници, полицајци…Тие мора да бидат `таргет`. Само во случај ако од тие деца направиме здрави личности, нашата работа добива целосна смисла“.

Браво Гоце. Тоа е суштината. Фудбалот е многу повеќе од обичен резултат. Фудбалот е страст и емоција. Идеално средство за промоција на своите вредности и покажување на респект кон противникот. Фудбалот е специфичен вид на културата на еден народ, но тоа луѓето како Марко Арнаутовиќ никогаш нема да го разберат.

 

sportmedia.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MEDIANET LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk