НАШИТЕ КОШАРКАРИ ВО СТРАНСТВО

Македонците не се наиграа

Кошаркарот на Напредак од Крушевац, Србија, Војдан Стојановски беше единствениот Македонец кој во изминатите денови од викендот ги одигра сите 40 минути во кои постигна 13 поени, имаше реализација 7-3 за тројка, но тоа не беше доволно неговата екипа да забележи победа на гости против Петрохемија (86:71), во рамките на редовното второ коло од првенството на нашиот северен сосед.

Ништо подобро не мина и Предраг Самарџиски со тимот на ФМП кој во третото коло на НЛБ лигата, во Загреб, загуби од домашната Цибона со 75:59. Популарниот Пеџа одигра само 18 минути во кои постигна четири кошеви, имаше и шест скокови.

Стартуваше и лигата во Бугарија каде новиот тим на нашиот интернационалец Златко Гоцевски, Јамбол, на гости загуби од Черноморец со 100:77. Гоцевски за 13,29 минута игра имаше учинок од 6 поени и пет скокови.

Кошарка се играше и во Украина каде нашите интернационалци Јане Петровски и Димче Тасовски немаа причина за задоволство, бидејќи нивните екипи на гости доживеаја пораз. Грифони (Петровски за 28 минути постигна 14 поени, имаше 3-2 за тројка и 3-3 за двојка) загуби од Донетск (85:64), додека Политехника (Тасовски за 15 минути постигна скромни два поена) беше поразена од Кривбасбаскет (92:71).

Поврзани

Најнови вести

Коментари