ЗАВРШИ ПРВАТА КОШАРКАРСКА ЛИГА

Мак баскетот има нов цар

Првпат во клупската историја Фени Индустри по победата над Струмица 2005, во Струмица и четвртиот освоен поен, стана шампион и во истата сезона го освои купот на Македонија за преодниот пехар на Вечер

По одиграната 16. финална серија за титулата, македонската кошарка има нов цар - Фени Индустри, единствениот тим по Ф Работнички кој во една сезона го има освоено Купот на Македонија за преодниот пехар на ВЕЧЕР и шампионската титула. За кавадарчани успехот да биде поголем, триумфот го обезбедија во Струмица во салата "Парк" по одигрувањето на последниот, решавачки, меч против актуелниот шампион Струмица2005 и тоа во дополнителните, инфарктни, пет минути.

После сето она што се случуваше на претпоследниот, финален, натпревар во Кавадарци, кога домашните навивачи се однесуваа повеќе од срамно, во Струмица видовме нешто што посакуваме да гледаме почесто на нашите терени. Со исклучок на еден момент, во третиот период, видовме исклучително коректно навивање од преполните трибини во салата "Парк", немаше фрлање на предмети, не беше загрозена играта. Домашните симпатизери, наречени "ајдуци" ако имаше златни медали и тие ќе се закитеа со нив. Заслужено. Камо среќа почесто да бидеме сведоци на вакви сцени кои ја враќаат вербата во спортот, кошарката и кај оние најобични луѓе кои од задоволство доаѓаат во спортските арени да се забавуваат на свој начин.

На крајот победи фер-плејот, сите беа шампиони, го заслужија аплаузот и оние на теренот и оние на трибините на кои, иако им беше тешко поради тоа што нивниот миленик Струмица 2005 загуби, најдоа сили да го поздрават новиот првак на Македонија - Фени Индустри.
Натпреварот гледано во целина имаше доста турбуленции, резултатски, го зголемуваше адреалинот, не оставаше простор да бидат мирни едните или другите актери . Сето тоа придоненесе и натпреварот да добие мошне висока оценка. На крајот гледачите заслужија да видат гратис, дополнителни пет минути во кои кавадарчани беа помудри, во пенал-завршницата знаеа да се наметнат и да стигнат до првиот, историски, клупски успех.

Централна фигура на натпреварот беше Американецот во редовите на Фени Индустри, Доналд Кол кој за 38,34 минути игра имаше учинок од 37 поени од кои 8-5 за тројка, 10-8 за двојка и 8 скокови.
- Не ја искористивме шансата играјќи на домашен терен, бевме надиграни од кавадарчани и заслужено загубивме. Колку и да е тежок, болен поразот, мора да признаеме дека Фени Индустри беше подобар противник и знаеше што сака. Ние согоревме во преголемата желба да го одбраниме трофејот, иако имавме голема поддршка од трибините, вели капитенот на струмичани, Ефтим Богоев.

На кавадарчани долго по натпреварот им требаше време да се средат, да ги изнесат првите впечатоци за големото финале.
- Во Кавадарци на претпоследниот натпревар од финалната серија имавме несфатлив пад во четвртиот период. Овој пат не ги повторивме грешките, со студени глави го одигравме натпреварот, дури и кога во последните 10 секунди домашниот играч Цветков постигна тројка и се избори за продолжение за својот тим . Докажавме дека сме големи како екипа, клуб, вели капитенот на Фени Индустри, Горан Самарџиев, заедно со Ѓуров и Димитровски, единствени кои можат да се пофалат дека во една сезона освоиле два трофеја (со Ф Работнички, н.з.).

Натпреварот низ бројки: 7:2 (2), 20:12 (8), 30:30 (15), 48:57 (27), 61:61 (32), 67:68 (37), 76:76 (39), 77:80 (40), 82:88 (43), 86:92 (44), 90:97 (45 минута).

Рајковиќ: Ова се вистинските Спартанци
- За ова работевме цела година, срцето го оставивме на терен, иако бевме во деликатна ситуација после поразот во петтиот финален натпревар дома. Но, кога требаше за кусо време ја вративме стабилноста во тимот, докажавме дека сме најдобри во лигата. Нема да згрешам ако кажам дека ова се вистинските Спартанци. Со право кавадарчани можат да се гордеат со нив, вели тренерот на Фени Индустри, Емил Рајковиќ.

Кол МВП во финалето
Доналд Кол, по кавадаречки Дончо Колев, заслужено го освои пехарот за најкорисен играч (МВП) во финалната серија. По мечот се радуваше како мало дете на признанието во изборот на новинарите.
- Цела сезона работевме за ова. Беше тешко, но живеевме за овој голем ден. Наградата сигурно немаше да ја освојам ако ја немав потребната соработка од соиграчите - за што им благодарам. Ова се моите најсреќни моменти во кариерата, вели Доналд Кол.

Струмица 2005 - Фени Индустри 92:100, 80:80 (3-4)
Струмица.- Сала "Парк". Гледачи 4.000. Судии: Денковски, Митровски и Терзиевски од Скопје.

Резултат по четвртини: 23:18, 13:22, 22:21, 22:19, 12:20.
Струмица 2005: Богоев 20, Цветков 3, Соколов 4, Груиќ 3, Тасовски 22, Грнчаров 5, Крстевски, Бошњак 10, Пуповиќ 16, Караманолев, Латовиќ 9, Заев.

Фени Индустри: Димитровски, Прековиќ 8, Баснарков, Браун 11, Кол 37, Радуловиќ, Поповиќ 3, Гоцевски 9, Ѓуров 10, Манев, Михајловски 7, Самарџиев 15.

Тројки: Струмица 2005 22-5, Фени Индустри 24-10. Пет лични грешки : Тасовски, Грнчаров, Бошњак, Пуповиќ, Латовиќ (Струмица 2005), Кол, Гоцевски (Фени Индустри).

ДОСЕГАШНИ ШАМПИОНИ (МАЖИ)
1992/93: Годел Работнички - МЗТ Хепос Скопје 3:2
1993/94: Годел Работнички - Деликатес 6:5
1994/95: Годел Работнички - Деликатес 3:2
1995/96: Годел Работнички - МЗТ Скопје 3:0
1996/97: Годел Работнички - Жито Вардар 4:1
1997/98: Годел Работнички - МЗТ Скопје 3:2
1998/99: Годел Работнички - МЗТ БОСС Скопје 3:2
1999/2000: Никол ферт - Годел Работнички 3:2
2000/2001: Работнички - МЗТ Скопје 2000 3:0
2001/2002: Ф. Работнички - Куманово 4:2
2002/2003: Ф. Работнички - Поло трејд 4:0
2003/2004: Ф. Работнички - МЗТ Скопје 2000 4:1
2004/2005: Ф.Работнички - Вардар О. 4:2
2005/2006: Ф. Работнички - Вардар О 4:1
2006/2007: Струмица 2005 - Ф. Работнички 4:1
2007/2008: Фени Индустри - Струмица 2005 4:3

Поврзани

Најнови вести

Коментари