Англиски Челзи успеа да ја сочува предноста од првиот меч со Порто и по минималниот пораз од 1:0 вечерва на „Рамон Санчез Писхуан“ во Севилја да го потврди своето место меѓу четирите најдобри во Европа. Во меч во кој до 90. минута видовме едвај еден директен удар во рамките на двата гола, голот за победа на Порто стигна во судиското продолжение.

Сосема очекувано Порто тргна силно и го примора Челзи да се повлече на стартот. До 10. минута на средбата Португалците имаа само јалова доминација, без вистинска шанса за гол.

По една полуконтра во 21. минута Рис Џејмс биеше од далечина, но само крај голот на Порто.

Порто најубавата шанса ја имаше во 34. минута, кога Хесус Корона од пред пеналтикот биеше високо над голот на Челзи.

Иста слика и на стартот на вториот дел. Порто притиска, Челзи повлечен, но Португалците никако да создадат шанса за гол. По 55. минута Челзи малку го отвори гардот и стигна првата полушанса. Маунт доби топка малку в косо, но неговиот шут заврши во телото на дефанзивецот на Порто и отиде во корнер.

Порто во неколку наврати имаше шанса да создаде поволна ситуација за шут кон голот на Менди, но само еднаш директно го погоди неговиот гол, без реализација.

Сепак, во додаденото време за игра, видовме вистинско фудбалско ремек-дело на резервистот Тареми, кој со ножички погоди за водство и јалова победа на Порто од 1:0.

ЧЕЛЗИ – ПОРТО 0:1

sportmedia.mk