Реал и Челзи одиграа 1:1 во првите 90 минути од првото полуфинале на Лигата на шампионите. Вечерва во Мадрид гледвме две дијаметрално различни полувремиња, ефикасно прво и прилично досадно второ полувреме. Одлуката за тоа кој ќе патува во големото финале, сепак, ќе биде донесена на реваншот во Лондон.

Дуелот почна со отворена игра особено од екипата на Челзи. На првата вистинска шанса чекавме само 8 минути, кога Вернер доби чиста топка на само 5-6 метри од голот на Куртоа, но неговиот шут домашниот голман успеа да го одбрани.

Она што Германецот не успеа да го погоди во осмата минута, Пулишиќ го поправи само пет минути подоцна. Успеа сам да ја реши одбраната на „кралевите“, го мина и Куртоа и биеше во мрежата на домашните за водство на „сините“ од 1:0.

Иако Челзи изгледаше посигурен, во 23. минута Бензема ја имаше првата голема шанса за Реал. Биеше од далечина во левиот дирек од голот на Менди и за среќа на гостите резултатот остана непроменет.

Само шест минути подоцна Бензема не промашува двапати. По одлично уфрлување од страна, Kаземиро спушти за Бензема, кој напрво ја прими топката на гради, па од свртување биеше под пречката на Менди за 1:1.

Второто полувреме и двата тима го почнаа внимателно. Челзи по првите десетина минути, повторно ја презеде иницијативата и често се играше во половината на домашните. Освен двата жолти картони за Крос и Марсело, практично до 70. минута немаше никакви возбудувања.

Реал ја подотвори играта во завршните петнаесетина минути, па имаше само еден јалов обид на Бензема во 75. минута кој заврши во телото на еден од дефанзивците на Челзи. Зијех се обиде од слободен удар во 78. минута, но Куртоа беше внимателен.

Во завршните две минути, Реал изведе корнер, Варан биеше со глава, но топката мина веднаш до левиот дирек од голот на Менди.

sportmedia.mk