logo
logo
logo

ЛШ: Мбапе донесе победа на ПСЖ во Минхен (ВИДЕО)

Vecer | 07.04.2021

ЛШ: Мбапе донесе победа на ПСЖ во Минхен (ВИДЕО)

Францускиот првак ПСЖ со голема победа од 3:2 се враќа од гостувањето кај европскиот првак Баерн (М) во првото четвртфинале од ЛШ. Мбапе со два и Маркињос со еден гол, му носат голема предност на финалистот од ЛШ минатата сезона, кој на домашен терен на реваншот ќе се обиде да избори ново полуфинале.

Во првата полуконтра која Французите ја имаа уште во 3. Минута, следуваше гол. Нејмар го поведе нападот на гостите, асистираше за Мбапе, кој со силен шут успеа да го совлада Нојер и да му донесе на ПСЖ водство од 1:0.

Баерн (М) веќе во 7. минута доби слободен удар скоро на работ на шеснаесетникот, но Кимих биеше само во живиот ѕид.

Баерн комплетно ја презеде иницијативата и приреди силен притисок кон гостинскиот гол. Се наредија и неколку одлични шанси, кои за жал на домашните, најпрво Милер, па потоа и Горецка не успејаа да ги претворат во израмнување.

Како казна за неискористените шанси, стигна извонредната асистенција на Нејмар за капитенот Маркињос, кој побегна на лошо поставената офсајд замка на домашните и сам пред Нојер погоди за 2:0 во 28. минута.

Баварците не се предадоа, па, конечно, во 37. минута по едно одлично нафрлување, Чупо-Мотинг со глава погоди за 1:2.

Нејмар ја имаше првата шанса за ПСЖ во второто полувреме, кога по еден карамбол пред голот на Нојер биеше, но топката заврши само во нозете на домашните дефанзивци. Потоа следуваа две извонредни шанси за Баерн.

Во 52. Минута најпрво Алаба биеше по средината, но Навас беше на место, а во следниот напад се обиде и Павар, но и неговиот шут заврши во рацете на гостинскиот голман.

Во 58. минута ПСЖ формираше контранапад, Мбапе излезе сам пред Нојер, но не успеа да го совлада. Притисокот на домашните даде резултат во 60. минута, кога по нафрлувањето на Кимих, Томас Милер со глава ја погоди мрежата на Навас за израмнување на 2:2. И покрај целиот притисок на домашните, ПСЖ со единственото оружје во второто полувреме, контранападите, успеа повторно да поведе. Мбапе со својот втор гол во 68. минута ги врати Французите во водство – 2:3.

Баерн имаше уште неколку добри можности за ново израмнување во продолжението, но не искористи ниту една. Во 85. минута Алаба доби повратна топка на десетина метри пред голот на Навас, но биеше крај голот.

БАЕРН (М) – ПСЖ 2:3


sportmedia.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk