Ливерпул и Реал Мадрид вечерва ќе го одиграат големото реванш-дерби во четврфиналето на Лигата на шампионите. Првиот натпревар во Мадрид заврши со 3:1 во полза на шпанскиот шампион, ,а па задачата која е пред англискиот првак изгледа и тешка и невозможна.

Ливерпул е мајстор за спектакуларни пресврти и ќе се обиде денес повторно да ја направи магијата која го служеше и во минатите изданија на најсилното европско натпреварување. Победникот од овој меч за ривал во полуфиналето го чека Челзи, кој вчера го елиминираше Порто.

Менаџерот на англискиот тим, Јирген Клоп, денеска нема да смета на повредените Матип, Ван Дајк,  Хендерсон и Гомез, а под знак прашалник е и настапот на Дивок Ориги. Ништо подобра не е ситуацијата и кај гостите. Зинедин Зидан на „Енфилд“ ќе истрча без Лукас Васкез, Серхио Рамос, Рафаел Варан, Еден Азар и Дани Карвахал. Тројца играчи од вториот тим на Реал се качија во авионот за Ливерпул и вечерва ќе бидат на клупата за резерви.

„Кога ќе го загубите првиот натпревар со 3-1, се чини дека сте скоро елиминирани, така што немате што да изгубите, но сигурно ќе се обидеме да продолжиме понатаму. Тоа е работата што треба да ја направиме. Не бевме толку добри како што можевме да бидеме, но ова беше само прв дел. Резултатот и квалитетот на противникот се проблем. Дополнителен проблем е што нема да има навивачи на стадионот. Затоа мора да создадеме сопствена атмосфера. Квалитетот што го има Реал не обврзува да се браниме на највисоко можно ниво, и ова е нешто што не успеавме да го направиме на последниот натпревар. Ќе биде многу важно да ја задржиме мрежата празна“, вели Клоп.

Реал пристигна на островот расположен по победата над Барселона со 2-1 во текот на викендот, додека Ливерпул ја забележа првата победа на домашен терен во 2021 година совладувајќи ја Астон Вила.

„Физички сме на работ, но нема да штедиме на сили. Дојдовме тука за да победиме и ќе се обидеме да го сториме тоа“, се закани Зи-Зу.

Веројатни  состави:

Ливерпул: Алисон, Александар-Арнолд, Филипс, Кабак, Робертсон, Тијаго, Фабињо, Вајналдум, Салах, Жота, Мане.

Реал Мадрид: Куртоа, Менди, Начо, Милитао, Одриозола, Крос, Каземиро, Модриќ, Винисиус, Бензема, Асенсио.

Во вториот меч вечерва Манчестер Сити на „Сигнал Идуна Парк“ е во потрага по своето второ полуфинале во Лигата на шампионите по 2016 година. „Граѓаните“ го добија, макар и тешко, првиот натпревар на „Етихад“ со 2:1 и се фаворити и вечерва иако играат на гости.

Тимот на менаџерот Пеп Гвардиола има горко искуство во четвртфиналето на ЛШ, бидејќи постојано отпаѓаше во оваа фаза во последните три сезони.

Во исто време, Борусија (Д) веќе четирипати стигнуваше до полуфиналето, последен пат ова се случи во 2013 година.

Веројатни состави:

Борусија Дортмунд: Хиц, Мореј, Аканџи, Хумелс, Гереро, Белингем, Џан, Дауд, Реина, Халанд, Ројс.

Манчестер Сити: Едерсон, Кансело, Лапорте, Дијаз, Вокер, Гундоан, Родри, Де Бруин, Фоден, Силва, Марез.

sportmedia.mk