Вечерва ќе ги дознаеме и патниците во полуфиналето на Лигата на Европа. Динамо Загреб за кого играат македонските интернационалци Стефан Ристовски и Аријан Адеми ќе бараат чудо на гостувањето кај Виљареал затоа што го загубија првиот меч на „Максимир“ со 1:0. Капитенот Адеми нема да игра поради повреда на стапалото, а Виљареал е голем фаворит за пласман во наредната фаза.
„Модрите“ веќе направија еден подвиг, го елиминираа Тотенхем откако во Лондон имаа негатива од 2:0, ќе видиме дали можат да се надминат себе и вечерва во Шпанија.
Фудбалерите на Славија Прага извлекоа 1:1 на гостувањето кај Арсенал, па вечерва на свој терен имаат шанса да го турнат големиот противник. Иако имаат големи проблеми поради отсутни првотимци, чешката екипа направи изненадување со ремито во Лондон. И вечерва ќе нема помош од дури седум фудбалери и уште двајца се под знак прашалник.
Славија веќе урна два британски клуба сезонава, ги елиминира Лестер во 1/16 финалето и Глазгов Ренџерс во осминафиналето. И на двата меча победи во гости, а дома одигра нерешено.
Арсенал беше максимален во групната фаза, потоа ги елиминира Бенфика и Олимпијакос во нокаут-рундите. „Топчиите“ никогаш не загубиле од чешки противник (седум победи и две ремија). Претходното гостување кај Славија Прага, во 2007 година, заврши 0:0. А Арсенал истата година ја победи Славија со 7:0 на домашен терен.
Интересно ќе биде и во Рим каде Рома ќе игра со Ајакс. „Волчицата“ победи во Амстердам со 2:1 на првиот меч, па сега дома ќе се обиде да ја сочува предноста.
А Манчестер Јунајтед со предност од 2:0 ќе ја пречека Гранада на „Олд Трафорд“. „Ѓаволите“ имаат убава шанса за пласман во полуфиналето и не би требало да ја прокоцкаат. Да потсетиме дека Гранада претходно го елиминира Наполи и е дебитант во Лига Европа.
ВЕЧЕРВА ВО ЛЕ
ЧЕТВРТФИНАЛЕ, РЕВАНШИ
РОМА – АЈАКС 21:00 ч.
Прв меч: 2:1
МАН. ЈУНАЈТЕД – ГРАНАДА 21:00 ч.
Прв меч: 2:0
СЛАВИЈА – АРСЕНАЛ 21:00 ч.
Прв меч: 1:1
ВИЉАРЕАЛ – ДИНАМО З. 21:00 ч.
Прв меч: 1:0
sportmedia.mk