МЗТ СКОПЈЕ 2000 ГО РЕШИ ПРОБЛЕМОТ СО ТРЕНЕР

Лазовски на жешката клупа

Тој до крајот на сезоната ќе биде нов кормилар, а подоцна ќе следат нови разговори со челниците од клубот за евентуално продолжување на соработката во средината, каде во одреден период беше и активен играч

Марјан Лазовски е нов тренер на екипата на МЗТ Скопје 2000 по заминувањето на Александар Тодоров, кој во саботата, веднаш по мечот со Амак СП поднесе неотповиклива оставка на функцијата. Луѓето од клубот му оставија време да размисли за ваквата постапка, но откако остана доследен на својата одлука, челниците беа принудени набрзина да се снаоѓаат. Во игра за тренерското место беа досегашниот помошник на Тодоров, Анте Дуковски и Марјан Лазовски без ангажман, кој лани со Вардар О. го освои купот на Македонија за преодниот пехар на Вечер. На крајот одлуката падна на Лазовски, кој уште завчеравечер го водеше тренингот на "штрковите" и ќе патува со екипата на утрешната средба со С. Пелистер во Битола, во рамките на 14. коло.

- Играчите ги познавам, но гледано само од трибините. За ова кусо време ќе се обидам со сите да разговарам, притоа ќе инсистирам да се почитуваат моите добро познати критериуми. Неблагодарно е кога тренер ќе се нафати да работи на само пет кола пред крајот на првата фаза, но предизвикот е голем. Јас го прифатив бидејќи верувам во оваа екипа, знам дека може да постигнува многу повеќе од она што досега го постигна. Со луѓето од клубот се договорив да останам на кормилото до крајот на сезоната, а дури потоа ќе разговараме за идните планови, вели Марјан Лазовски.

Кандидатот за тренерската функција, Анте Дуковски и натаму останува во клубот, ќе му биде помошник на Лазовски. Сега веќе поранешниот тренер на МЗТ Скопје 2000 Александар Тодоров, иако во клубот тоа не го потврдуваат и натаму ќе остане во редовите на "штрковите", но со друга функција.

Славчо ТРОШАНОВСКИ

Поврзани

Најнови вести

Коментари