logo
logo
logo

Лазаров: Подготвени сме за Данска, само ќе ни недостасува најдобрата публика во Европа

Vecer | 10.03.2021

Лазаров: Подготвени сме за Данска, само ќе ни недостасува најдобрата публика во Европа

На само еден ден до првата голема пресметка со Данска, македонската ракометна репрезентација под водство на новиот селектор Кире Лазаров продолжи со тренинзи во Скопје. Утре не очекува многу важен меч, а новиот селектор Лазаров смета дека засега се оди според планот.

„Мислам дека сме подготвени, имавме доволно време. Не случајно ги почнавме подготовките два дена порано. На време и се комплетиравме, последен се приклучи Пешевски во вторникот, останатите интернационалци во понеделникот. Мене ми е познат овој ритуал на подготовки, толку време имаат и останатите репрезентации, ние максимално го искористивме. Имавме добри услови и можам слободно да кажам дека добро сме подготвени. Играме против светскиот првак, актуелниот сè уште олимписки шампион. Мене и на играчите ни е чест, што можеме да отвориме едно ново поглавје на македонскиот ракомет почнувајќи со, можеби најдобрата репрезентација на денешницата. Спортски е да се надеваме. Како селектор и како капитен доделив јасни, конкретни улоги, играчите добија можеби и премногу информации за кратко време. Јас мислам дека комплетната слика на оваа нова Македонија која треба да биде ќе ја имам по двата натпревара со Данска. Како што реков, спортски е да се надеваме, ќе веруваме и ќе се бориме докрај, меѓутоа од друга страна знаеме и треба да бидеме реални дека, сепак, Данска е можеби најдобрата светска репрезентација во моментов. Од она што го видовме во видео сесиите, повеќе од десетина, покрај тоа што ја анализиравме Данска, научивме и некои нови работи, дури и јас, кој сум многу долго на високо ниво во ракометот. Навистина беше задоволство за играчите да гледаме, да анализираме и да се подготвуваме за нив, но и да научиме нови работи. Видовме дека не случајно се и 2019 и 2021 светски и актуелни олимписки прваци“, вели нашиот капитен и предводник на оваа генерација.

За силата и квалитетот на Данска и изјавите на нивниот селектор за очекувањата од дуелот со Македонија, Лазаров додава:

„И јас да сум на место на Јакобсен истото би го рекол. Ние, да, ќе промениме некои работи, меѓутоа утре на самиот терен ќе видиме колку ќе можеме тоа да го примениме, едно е тренинг да се договарате направи вака или онака, меѓутоа натпревар е друга работа. Затоа велам дека дури понеделник попладне, навечер јас и стручниот штаб ќе имаме комплетна слика за да можеме крајот на април и почетокот на мај максимално подготвени да ги дочекаме можеби и двата најважни натпревари за пласман на ЕП 2022.“.

Празната сала сигурно не е предност на Македонија. Лазаров е свесен дека полна сала против Данска ќе беше голем плус за нашиот национален тим на утрешниот дуел.

„Јас сум играч, кому публиката му дава додатен импулс. Нашата публика е позната, можеби, најдобра во Европа и клупска и репрезентативна, тоа многу пати досега го покажала. Затоа можам да одговорам дека повеќе ќе недостасува публиката, од што ќе бидат олеснување празните трибини. Помалку или повеќе имам некоја комплетна слика на составот. Имам една до две дилеми. Сето ова ми дава некоја позитивна енергија затоа што еве успеав за овој краток период да имам слатки маки, бидејќи некои нови играчи се наметнаа во националниот тим, но истовремено размислувам дека не сакам да ги изгорам и тоа да биде некоја нивна промоција, па да ја ставиме во позадина важноста на тимот и на резултатот. Ќе се базирам на поискусните, секако дека ќе има некое изненадување, нека се наспијат, утре да видиме каква е ситуацијата со докторот и терапевтите, па да решиме дефинитивно“, заврши селекторот.

 

sportmedia.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk