Поранешниот младински француски репрезентативец Ајмерик Лапорт ќе биде нов член на шпанската репрезентација. Лапорт со селекцијата на Франција У19 беше финалист на ЕП 2013 година, играше и за У21, но нема заиграно за сениорите на Франција. Тој импресионираше во дресот на Атлетик Билбао, па се чекаше моментот кога Франција ќе го повика. Меѓутоа Лапорт ја одби Франција за ЕП 2016 со надеж дека ќе заигра за Шпанија. Лапорт ја одби Франција и за квалификациските дуели за СП 2018 против Бугарија и Холандија и аплицираше за шпанско државјанство.
Актуелниот централен бек на Манчестер Сити утре ќе го добие шпанското државјанство и со тоа ќе биде вклучен во шпанскиот национален тим за претстојното ЕП 2020. По директна наредба на селекторот Луис Енрике, процесот е забрзан и потоа ќе се чека уште потврда од ФИФА за сето тоа да добие и официјална потврда.
Лапорт е роден во Франција но има потекло од Шпанија. Никогаш не играл за француска екипа, шест години помина во Атлетик Билбао, а потоа, во јануари 2018 прејде во Манчестер Сити.
sportmedia.mk