ПОДГОТОВКИ ЗА РАКОМЕТНИТЕ КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2008

Кузманоски го менува Н. Мојсоски

Бидејќи деновиве централниот бек на репрезентацијата треба да оди на оперативен зафат, в.д. селекторот Илија Темелкоски на подготовките го повика од Шпанија, Горан Кузманоски.

Машката ракометна репрезентација ги почна подготовките во Скопје за претстојните квалификациски дуели во јануари со Србија, Израел и Луксембург, каде што брка едно од првите две места кои водат во јунскиот бараж, идната година и пласман на ЕП 2008 во Норвешка. На првиот собир в.д. селекторот Илија Темелковски се судри со проблем.
Централниот бек на репрезентацијата и на есенскиот лидер на првенството Наумче Мојсоски деновиве треба да замине на оперативен зафат на зглобот на ногата и го откажа учеството во подготовките. Темелковски веднаш реагираше.
- Повредата на Наумче Мојсоски доаѓа во незгоден час, зашто тој е одличен централен бек, но што е тука е. Негова замена ќе биде Горан Кузманоски, кој игра во шпанскиот Коста Бланка од Аликанте, кој веќе утре треба да пристигне во Скопје. Со тоа ова прашање ќе го разрешиме. Имаме проблеми кај голманите бидејќи Кирил Колев има скршен прст на раката, па оттука се одлучив за уште едно ново име во репрезентацијата. Го повикав во националниот дрес Петар Ангелов, кој игра во францускиот прволигаш Трембле, кој ќе ја засили голманската конкуренција заедно со Даскаловски и Ристовски, вели Темелковски.
Репрезентацијата продолжува со подготовки во Скопје, а треба да се комплетира денеска, кога ќе пристигнат "странците" Кире Лазаров, Раде Стојановиќ и Ацо Јоноски.

Вилизар ПАВЛОВ
фото: В. Перковски

Поврзани

Најнови вести

Коментари