КОШАРКА

Купот се сели во Кавадарци

Градот Кавадарци по третпат ќе биде домаќин на завршните натпревари од најмасовното клупско, кошаркарско, натпреварување - Купот на Македонија за преодниот пехар на "Вечер". Вчера, во просториите на Кошаркарската федерација на Македонија требаше да се одржи лицитација за организатор на Купот, меѓутоа, во предвидениот рок, се појави само една заинтересирана страна - КК Фени Индустри, поради што немаше наддавање. Така кавадарчани останаа на почетната сума за лицитирање од 11.500 евра, која ќе треба да ја уплатат на сметката на КФМ.

Завршните натпревари од купот во машка конкуренција ќе се одржат од 13 до 16 март идната година (четвртфинале, полуфинале и финале), а во женска на 15 и 16 март (полуфинале и финале). Кавадарчани веќе имаат искуство во организирањето на вакви натпревари, беа домаќини на завршницата на купот во 1998 и 1999 година, но не успеаја да го освојат преодниот пехар на "Вечер" .

Досега организатори на најмасовното клупско натпреварување уште беа: Кочани (1993 г), Гостивар (1994), Скопје (1995, 1996, 2000, 2003, 2004, 2005 ), Радовиш (1997), Охрид (2001, 2002), Струмица (2006) и Битола (2007).

Купот од лани го бранат Вардар О (мажи) и Вигор Скопје (жени). (С.Т.)

Поврзани

Најнови вести

Коментари