Кошаркарите на Кожув ја обезбедија и седмата сезонска победа, откако попладнево на свој терен го совладаа скопски ТФТ со 90-76.

Во меч во кој домашните отворија лошо и му дозволија на гостинот да ја диригира играта и резултатот во првиот дел, дури и изненадување е што во финишот домашните имаа константна предност. Првото полувреме ТФТ успеа да го добие со високи 12 поени разлика, но кога се чинеше дека во вториот дел само рутински треба да си ја завршат задачата, гостите тотално потфрлија, а Кожув со фантастична трета четвртина која ја доби со 35:12 не само што се врати целосно во мечот, туку дојде и до пристојна предност за победа.

Во последниот период гевгеличани одиграа цврсто обидувајќи се да ја задржат тешко стекнатата предност. На крајот дојдоа до потребните 90-76 за обезбедување нова победа, нанесувајќи им го на скопјани четвртиот сезонски пораз.

Одличен меч за Кожув одигра Пајиќ кој заврши со 18 поени, а одлично беше поддржан и од Канаѓанецот Лок со 16 поени и Станојевиќ кој постигна 17. Кај ТФТ најефикасен беше Хортон со 23 поени.

 

sportmedia.mk