Да, Валмир Нафиу во 88.минута беше стрелецот на победничкиот гол за Шкендија против Пелистер во мечот од минатото коло, но херојот на тетовци е голманот Костадин Захов. И не само поради таа фантастична одбрана во 90+4.минута, туку и поради се она што направи искусниот голман на тој меч.

Сепак, дуелот со Пелистер е историја, веќе во сабота во Скопје, Захов и Шкендија ги чека нов предизвик. Тоа е гостувањето кај Вардар, некогаш лутиот ривал, но во последно време тетовци се навикнаа да си го победуваат нашиот најтрофеен клуб. На дуелите со Вардар немаат пораз на последните 14 во серија.

За тоа што може да се очекува од овој саботен дуел во Скопје, Захов кој некогаш го бранеше голот на Вардар, истакнува:

Јасно е дека ја сакаме титулата, и за да дојдеме до неа треба уште многу работи да направиме. Да, создадовме предност од седум бодови, но со максимален фокус гледаме напред. Не смееме да дозволиме да ја изгубиме концентрацијата на ниту еден меч до крајот. Секоја грешка може скапо да не чини. Затоа максимално го почитуваме секој натпревар, секој ривал против кого ќе играме. Во сабота играме со Вардар, одиме подготвени за таа фудбалска претстава. Тој меч за нас ќе биде како финале кое сакаме да го добиеме. Вака ќе биде на секој нареден натпревар“ посочи за клупскиот сајт голманот на Шкендија, Костадин Захов.

 

sportmedia.mk