Пишува: Зоран Ѓоршоски

Во фудбалот по обичај готово е кога навистина е готово. Пред се тука мислиме на Шкендија и освојувањето на нејзината четврта титула во ПМФЛ. До крајот на сезоната 2020/2021 остануваат уште шест кола, а предноста е 13 бодови во однос на вториот Шкупи. Математички лидерот може уште во недела во Струмица, на гостувањето кај Беласица, да ја “завери“ титулата, само треба Шкупи да загуби во Велес, но ако не овој викенд, тогаш Шкендија тој следниот секако дека ќе стави печат. Треба да се случи катаклизма од епски размери за да тетовските “црвено – црни“ останат без пехарот. Посебно сега кога влегоа во страшна форма, кога имаат пет победи во серија, седум во пролетниот дел и само две ремија во тие девет кола.

Шкендија едноставно сезонава покажа КОЈ Е КОЈ во ПМФЛ, и нема никакви замерки, никакви за нејзината титула. Чиста како солза.

Само треба да им се честита на сите во клубот.

Сепак, ајде прво нека биде официјално, па после со честитките…

ПЕКОЛНА БИТКА ЗА ОПСТАНОК

Вардар пак вчера покажа знаци на живот. Сосема солидна партија на момците кои водеа нерамноправна битка со повозрасните колеги од спротивниот табор, од таборот на Ренова. Одиграа 1:1, и малку недостигаше и да победат. Значи Вардар уште не е “УДАВЕН“, иако јасно е дека не гледаме начин како би се спасил од најлошото, од испаѓање. Со бодот во Скопје, со поразите во Битола, Тетово и Ѓорче, сега во “игра“ се, покрај Ренова, и Силекс, А. Пандев и Борец, секако и Пелистер за “испаѓање“. Битолчани се шести со 35 бодови, а Вардар е единаесети со 28 бодови, колку има и Ренова. Значи сите овие екипи ги чека пеколна битка за избегнување на Втората лига, а потоа и за избегнување на баражот за опстанокот.

Меч кој ќе биде трилер за сите овие екипи, без разлика дали ќе се игра против Тиквеш, Велешта, Гостивар или Охрид. Еден меч, само 90 минути, и на тој начин некогаш квалитетот не игра улога. Се е можно.

Се чини дека по вчерашните мечеви од 27.коло, покрај тоа што се стави точка за тоа кој ќе биде шампион, се стави точка и на тоа кој ќе ја претставува Македонија ова лето во новата Конференциска лига. Таму има едно место за победникот во Купот, А. Пандев или Силекс, а преку првенството Шкупи и Македонија ЃП. Вчера во Струга домашниот Трим Лум и Работнички ремизираа на задоволство на “лавовите“ кои сега бегаат шест бода пред стружани и седум пред “романтичарите“. Оваа предност тешко дека ќе ја испуштат, без разлика што во недела на Арената играат Работнички и Македонија ЃП.

Уште повеќе, ако се знае дека Шкупи е во лоша форма, тогаш Македонија ЃП би можела на крајот да заврши и како втора, два бода се само во прашање.

Јасно е дека ако биде така, тогаш тоа ќе биде голем успех за тимот од Ѓорче.

sportmedia.mk