logo
logo
logo

КОМЕНТАР НА 26. КОЛО: Шкендија по старо, Силекс го газеше Вардар, Работнички убедлив...

Vecer | 12.04.2021

КОМЕНТАР НА 26. КОЛО: Шкендија по старо, Силекс го газеше Вардар, Работнички убедлив...

Пишува: Зоран Ѓоршоски

Изминатиот викенд се одиграа сите шест мечеви од 26.коло во ПМФЛ. Немаше некои посебни изненадувања. Дербито за Тетово екипата на Шкендија го “обои“ во црвено – црно. Лидерот беше убедлив против Ренова и победи со 3:0. Бесарт Ибраими се врати во голгетерската форма, а кога е така тогаш сите во Шкендија може песна да пеат. И покрај желбите се виде дека Ренова не е на рамниште на идниот шампион на Македонија. Имено на седум кола до крајот, Шкендија има 10 бодови предност пред Шкупи.

Тука нема веќе битка, Шкендија со силно чекори кон својата четврта титула шампион на Македонија.

Во битката за опстанокот, во една од решавачките за Силекс и Вардар, кратовци му се “истурија“ на Вардар. Безмилосно Ристов и Горгиев го газеа младиот тим на нашиот најтрофеен клуб. И двајцата постигнаа по хет – трик. Имаше Силекс шанси и за двоцифрена победа, но и тие 0:6 ќе влезат во историјата на Вардар како еден од најголемите порази во ПМФЛ. Фановите се гневни, бараат виновници, а Вардар лета, просто лета кон Втората лига. Рековме веќе, само ЧУДО од епски размери може да го спаси Вардар од најлошото. А сега игра со Ренова дома, па гостува кај А. Пандев. А за опстанок потребни се бодови.

РОМАНТИЧАРИТЕ“ ЛЕСНО СЕ СПРАВИЈА СО ПЕЛИСТЕР

Работнички во саботата одигра навистина квалитетно. Го победи Пелистер со 3:1, според шансите триумфот требаше да биде поубедлив, сепак треба да се каже дека гостите не искористија пенал, поточно Јанков го одбрани пеналот на Танушев, кој шутираше двапати. Исто треба да се каже дека Работнички во целост ја искористи индолентната игра на гостинската одбрана, просто да ти е жал да ја гледаш како таа играше во саботата. Катастрофа. Сега Работнички на седум кола до крајот има минус 5 бодови во однос на “лавовите“ во битката за Европа, секако тука е и Струга Трим Лум која благодарение на Мециновиќ успеа да ги однесе сите три бода од Велес. Познато е колку тешко се победува во тој град. Искусниот стопер уште еднаш покажа дека не само што е еден од најдобрите играчи во својот тим, туку и дека важи за еден од најдобрите стопери во ПМФЛ. Веќе втор меч во низа дава гол со глава. Шкупи со В.Д. тренер во името ја Јетон Муслиу ја победи Академија Пандев на нејзин терен и ја запре победничката серија на четата на Александар Васоски. Сега “пандевци“ повторно се блиску до зоната на испаѓање. Треба да се каже дека во финишот Наумовски му одбрани пенал на Радески со што ја потврди победата на чаирчани.

Во вториот меч во Струмица сосема очекувано Македонија ЃП си ја победи Беласица. Ваква победа им требаше на “лавовите“ кои оваа есен играат во крајно променлива форма.

Следното 27.коло се игра веќе во среда.

Вардар – Ренова ќе биде мечот кој ќе предизвика најголемо внимание.


sportmedia.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk