logo
logo
logo

КОМЕНТАР НА 23.КОЛО: Среќната Шкендија, Вардар во “ногдаун“, “пандевци“ веќе не се претпоследни...

Vecer | 15.03.2021

КОМЕНТАР НА 23.КОЛО: Среќната Шкендија, Вардар во “ногдаун“, “пандевци“ веќе не се претпоследни...

Пишува: Зоран Ѓоршоски

Изминатиот викенд се одиграа сите шест натпревари од 23.коло или првото од третиот круг во тековната сезона во ПМФЛ. Не гледавме баш нешто спектакуларен фудбал, но се чини дека беше доста интересно на повеќето мечеви.

Посебно интересно беше под Шара. Малку недостигаше Пелистер одново да ја нокаутира Шкендија на нејзин терен, малку, сосема малку. Само неверојатната среќа што ја имаше лидерот вчера од 15 до 17 часот не им дозволи на битолчани одново од Тетово со песна да си заминат. И којзнае по кој пат. Шкендија не блеска, нема игра, а е прва. Навистина интересно. Ако оваа Шкендија е прва и веројатно шампион, тогаш што да се каже за останатите клубови.

Вчера Шкупи без многу мака, рутинирано си го победи Вардар во градското дерби. Реџиналдо конечно погоди, а Глигоров постигна супер гол за паметење. Можеби се очекуваше и поубедлив триумф, но чаирчани по тие 2:0 како да подзастанаа, и што е нормално. Се штедате силите за тие последните 10 кола до крајот на сезоната. Шкупи остана на тие -7 во однос на лидерот.

А, Вардар?

Е, па, Вардар е во “ногдаун“. Нема веќе свежина, почнаа да се редат повредите, картоните, отсуствата. Ако се знае колку бодови има Вардар и против кого се треба да игра во тие 10 кола, тоа треба да биде загрижувачко за сите кои сакаат нашиот најтрофеен клуб.

Реално Вардар е на пат кон Втора лига, и ако успее Џиџи Илиевски, како тренер, да го спаси од најлошото, тогаш фановите на Вардар треба на екс – селекторот да му врачат орден. Тоа ќе биде негов животен успех во тренерската кариера.

РАБОТНИЧКИ КАКО ДА ЈА ПОТЦЕНИ А.ПАНДЕВ…

Работнички до пред мечот со “пандевци“ беше хит. Сите говореа во суперлартиви за овој тим. Просто се чудеа како една наша екипа може во 90 минути да одигра во исто темпо. И дојде саботниот дуел со А. Пандев. Момците на Влахо во првите 15 минути ги немаше никаде. Струмичани “царуваа“ на Арената. Дадоа и гол, и тогаш домашните сфатија дека ѓаволот ја однел шегата. Почнаа да играат, да создаваат шанси, имаа и пенал на 0:1, и на крај загубија со 0:2. А реално требаше да биде барем реми. Навистина несфатливо како тоа Работнички влезе на овој меч. Место сега да биде на само -3 од Македонија ЃП и битката за Европа да ја направи суперинтересна, во клубот од Градски парк се фаќаат за глава за тоа што пропуштија.

А “пандевци“ пак по подолго време ја “откачија“ претпоследната позиција на табелата.

Рековме и порано, овој квалитетен тим на А. Пандев многу бргу ќе се спаси од испаѓање.

Силекс ја демолираше Македонија ЃП, тим кој што оваа пролет под водство на тренерот Жикица Тасевски речиси да не игра ништо. Не можеме да ги препознаеме “лавовите“. Имаат среќа зошто Струга ТЛ веќе неколку кола не знае за победа, а Работнички дома киксна во саботата.

Борец си ја победи Беласица и покажа дека велешани немаат намера така лесно да се предадат.

Тие по 23.коло имаат ист број бодови како и Работнички, па, сега, видете.

И кога е така, тогаш во “бунарот“ се Силекс, Вардар, Ренова, ако Беласица е веќе со едната нога во ВМФЛ – ИСТОК. Засега, според актуелната табела, една од овие три екипи заедно со Беласица ќе испадне, а останатите две ќе играат бараж.

Сепак, рековме дека до крајот имаше уште 10 кола, се е можно во овој наш фудбал.

 

sportmedia.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk