logo
logo
logo

КОМЕНТАР НА 20. КОЛО: Го нема Дарбо го нема Шкупи, Шкендија се “тресеше“ од Вардар, што се случува со “лавовите“...

Vecer | 01.03.2021

КОМЕНТАР НА 20. КОЛО: Го нема Дарбо го нема Шкупи, Шкендија се “тресеше“ од Вардар, што се случува со “лавовите“...

Пишува: Зоран Ѓоршоски


Одиграни 180 минути, создадени неколку шанси и постигнат само еден гол, и тој веројатно со многу среќа. Тоа е епилогот кога станува збор за Шкупи оваа пролет, тим кој нели требаше да ја нападне Шкендија во битката за титулата. По оние вчерашни 0:0 со А. Пандев, сега составот на Хасан Озер има дури -8 бодови во однос на тетовци, и тешко дека ќе ја оствари целта-а таа нели беше да се врати титулата на Чаир по цели 20 години. Евидентно е дека Шкупи има проблем прво со креирање на шансите, бесконечни и здодевни се тие додавања од нога до нога. Бадијала поседот кога немаш шанси, а кога нема шанси нема ни голови. Неразибирливо е зошто меѓу стартните единаесет го нема “бисерот“ и капитенот на Шкупи, Бесар Исени. Тој и тоа како може да искреира шанса, и да даде гол. Втор проблем е што на Шкупи, и покрај четворицата новаци во нападот, и тоа како му недостига Дембо Дарбо. Со него беше полесно. Ќе мора Озер нешто да искомбинира, овој Шкупи на имиња е доста силен и мора да почне да дава голови.

Пандевци“ покажаа со тоа реми на ФФМ и тоа како дека имаат силен тим, несомнено е дека ќе се спасат, тука нема дилеми, но се чини дека струмичани со малку повеќе храброст можеа да дојдат до целиот плен на гости кај Шкупи. Од друга страна треба да се сфати и тренерот Васоски, по оние 0:1 од Работнички, ќе беше премногу и овој натпревар да го загубеше.

Шкендија пак по старо. Веројатно и ќе освои нов шампионски пехар, но ако ти се „“тресеш“ од овој “младински“ Вардар, кога ти треба магија на Алими да победиш, тогаш навистина имаш проблем. Шкендија нема игра, тоа не е ништо ново. Но Шкендија победува само поради тоа што во себе има индивидуален квалитет. Доволно е еден од Ибраими, Алими, Дориев, Бејтулаи, Нафиу… да проработи и тетовци да ги оснесат бодовите. Вчера тоа беше Алими кога постигна супер гол за 2:1, за победа, за три големи бода. Сега во Шкендија насмевката е голема, голема како Шара. Тие 8 бодови плус пред Шкупи и тоа како е одлична залиха.

Збор -два за Вардар. Момците на Џиџи и овојпат одиграа за себе, за клубот, за фановите. Да, Вардар загуби, но Вардар ќе се бори до крај за да го избори опстанокот. Секоја чест за момците, така се игра за својот сакан клуб.

ПЕЛИСТЕР СО ПЕСНА, РЕНОВА ВО ПРОБЛЕМИ…

Пелистер вчера веројатно ја одигра својата најдобра претстава во текот на шампионатот. Да ја надиграш и да ја победиш една Ренова со 3:1, да и создадеш неколку шанси секако дека не е мала работа. “Гипсарите“ и дефинитивно се во проблеми. Од тие планирани 4-6 бодови во првите два пролетна меча останаа само 0 бодови на своето конто, за нив следува пекол оваа пролет.

Работнички и Силекс одиграа навистина квалитетен меч, меч кој заврши 1:1. Реално реми, на моменти домашниот тим беше подобар, на моменти кратовци. Загубата на тие два бода повеќе ќе го погоди составот на Влахо, посебно откако утредента видоа дека Македонија ЃП не победи протов Борец. Дури по тој меч во Градски парк ги боли глава од тоа што пропуштија со Силекс.

Македонија ЃП пак два бода од два меча, премалку за тим кој е аспирант за Европа. Струга ТЛ се наближува, а веќе задутре “лавовите“ и гостуваат на А. Пандев.

И на крај, Струга ТЛ и дефинитивно не се шегува. Си ја победи Беласица, онаа Беласица која минатата недела славеше над Ренова. Па така сега стружани итаат кон тоа трето место, а струмичани одново во големи проблеми.

 

sportmedia.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk