logo
logo
logo

КМФ Проект со соопштение по футсал дербито со Арбен Бајрами

Vecer | 27.02.2021

КМФ Проект со соопштение по футсал дербито со Арбен Бајрами

Соопштение до јавноста по повод немилите настани на дерби натпреварот од 14 коло во Првата футсал лига одигран во четвртокот, 25.02.2021 помеѓу КМФ Арбен Бајрами и КМФ Проект во Скопје;
* Дербито од страна на ФФМ беше прогласен за натпревар од висок ризик што подразбира преземање на дополнителни мерки за безбедност од страна на полицијата, со доволен број на полициски службеници!
При нашето доаѓање пред салата (18 часот), затекнавме три млади полицајки и тројца полицајци, кои беа на влезот и внатре во салата. По паркирањето на возилата на паркингот и по 20 минутно чекање надвор поради опструирањето на работата на делегатот од страна на домаќинот кој инсистираше да има свое цивилно обезбедување од 15-тина клупски гавази во услови кога нема публика!!! делегатот мораше да им дозволи и дотичните влегоа на трибините!
Уште при соблекувањето на нашите играчи на трибината, започна подготвеното сценарио: петарда со голема звучна и светлосна моќ одекна како бомба во салата, во близина на нашите играчи! Потоа надвор од салата одекнаа уште неколку.
Никој ништо не презеде! Делегатот се трудеше да воспостави ред, но немаше подршка од домаќините и од полицијата!
* Натпреварот помина тензично, со благ притисок од домашната екипа, но затоа „обезбедувањето“ на домаќинот беше задолжено за провокации и закани кон гостинската екипа!
* Натпреварот заврши (како заврши) за на крајот двајца од редарите да скокнат во теренот, а им се приклучија уште двајца играчи кои сакаа да се пресметаат со нашата екипа! Полицијата ги спречи!
* Откако полициските службеници присутни во салата, на средината од второто полувреме увидоа дека проценката на нивните надредени за ваков ангажман и услови не е доволна, побараа засилување и кон крајот на натпреварот дојдоа поголем број полицајци (униформирани и во цивил)!
Но, тогаш беше доцна, бидејќи добро организираната вандалска група веќе ја имаше завршено работата на паркингот, пред да пристигне полициското засилување!
* По завршувањето на натпреварот, полицијата не држеше речиси еден час во салата, како што рекоа поради наша безбедност. Потоа ги повикаа надвор тројцата сопственици на нашите возила со кои патуваше екипата! Останатите не задржаа во салата, но ни беше јасно што се случува! Конечно, откако не пуштија надвор (собрани во една група), видовме една застрашувачка слика на демолирани три возила со исечени пневматици, искршени ретровизори, оштетени бандажи и изгребани каросерии…
* Полицијата направи увид и записник, а крим техника обезбеди фото документација. На крајот со две шлеп возила беа кренати двете оштетени возила, а за третото обезбедивме гуми и со полициско обезбедување го напуштивме Чаир околу 23 часот!
* КМФ Проект на денешниот состанок на раководството, одлучи да ја запознае јавноста со овие вандалски и дивјачки случувања во Скопје со неколку фотографии и две видеа што следуваат во фото галеријата, а останатите материјали ќе ги достави до надлежните органи на ФФМ, кои ќе ги добијат и увидните материјали од полицијата.
* КМФ Проект, преку ФФМ ќе бара материјална отштета од КМФ Арбен Бајрами како домаќин на натпреварот, за санирање на штетата предизвикана врз нашите возила!


sportmedia.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk