Со голема желба за успех браќата Кевин и Оливие Њокас дојдоа во Металург. Тимот од Автокоманда не е непозната средина за нив, напротив, имаат доволно информации за историјата на овој клуб.

Француските ракометари во дресот на Металург ќе останат две години, нивната желба беше во ист тим да ја завршат кариерата.

Кевин на официјалната промоција потенцира дека не го заборавил овој клуб, токму кога беше играч на ПСЖ играше против Металург. Сака да помогне, сака да биде дел и од процесот на созревање на Мартин Серафимов.

„Се сеќавам на Металург кога бев дел од ПСЖ, игравме против нив во ЛШ. Се сеќавам на клубот како еден голем клуб. Иако минатите години не беа онакви како претходно, но тука сме да го вратиме тимот на старите патеки и да ја донесеме таа слава што ја имаше во минатото.

Едвај чекам на новиот предизвик. На истата позиција го имаме Мартин Серафимов. Видов дека е многу талентиран играч. Пред него го има Кирил Лазаров во националниот тим, одличен пример за него и јас ќе се потрудам да бидам истото за него“, изјави Кевин. 

sportmedia.mk