СУПЕРКУП НА МАКЕДОНИЈА ВО КОШАРКА

Кавадарчани се крстат во Николовски

За пехарот утревечер во салата Јасмин (17 ч.) ќе се борат шампионот Фени Индустри и освојувачот на Купот, Работнички

Македонскиот кошаркарски шампион Фени Индустри и освојувачот на националниот Куп, тимот на Работнички утревечер (17.00 ч.) во салата "Јасмин" во Кавадарци ќе го одиграат натпреварот од возобновениот Суперкуп, кој во иднина треба да стане традиционален. Со овој натпревар и официјално ќе биде отворена новата првенствена кошаркарска сезона, чиј старт е на 15 октомври.

Репрезентативецот Кирил Николовски, кој заради повреда не беше во составот на Македонија, која го освои одличното 4. место на Европското првенство во Литванија, повторно се враќа на паркетот. Тој ќе биде еден од предводниците на кавадарчани до првиот трофеј сезонава. Николовски е на прагот да направи трансферот во рускиот Локомотив (Кубан), но одлучи да остане во Кавадарци уште неколку дена за да му помогне на Фени во Суперкупот. Центарот, летово потпиша за Фени, но понудата од Локомотив е многу подобра за да биде одбиена.
- Можам да кажам дека Николовски ќе игра за Фени во Суперкупот. Помошта од овој кошаркар ќе ни биде од големо значење, бидејќи имаме големи проблеми на центарската позиција. Михајловски заради повреда нема да настапи, а Кнежевиќ ќе игра, иако не е максимално подготвен. Затоа очекувам Николовски да ми помогне да стигнеме до победата, пред да замине за Русија. Тој ќе отпатува в понеделник, каде по лекарските прегледи ќе го стави потписот. Сега сме во многу тешка позиција. Мораме да чекаме да го комплетира трансферот, а потоа да бараме достојна замена, изјави тренерот на шампионот, Емил Рајковиќ.

Тимот на Работнички пак ќе биде ослабен за неиграњето на центарот Томи Симиќ, кој по подолго време ја смени средината и во новата сезона ќе настапува за Лирија.

Славе ТАСЕВСКИ

Поврзани

Најнови вести

Коментари