logo
logo
logo

„Јој Маџарице“: „Балонот“ во Дебрецен, правилото на Хансен, вербата на Македонците, признанието на Словенците

Vecer | 15.01.2022

„Јој Маџарице“: „Балонот“ во Дебрецен, правилото на Хансен, вербата на Македонците, признанието на Словенците

Ова Европско првенство дефинитивно е едно од најтешките, не само за репрезентациите, туку и за новинарите. Поради пандемијата на коронавирус известувањето е отежнато, редовните посети во хотелот на репрезентацијата и слободното движење е скратено. Адреналинот дека сме на големо натпреварување не е истиот. Емоциите проработеа на денот на мечот со Словенија. Бројните македонски знамиња во „Феникс“ Арената заедно со громогласно испеаната македонска химна ни ги стоплија срцата, ни се врати она старо чувство кога игра Македонија, а ние сме на лице место. Сето ова задоволство е краткотрајно. Денот за пауза одново те оддалечува од реалноста, играчите ги гледаме кратко време, нецел половина час, секако оправдано поради пандемијата на коронавирус. На минусните температури во Дебрецен, пред хотелот ја извршуваме нашата редовна задача, земаме изјави додека рацете за нецели пет минити ни смрзнуваат. Нема време ниту простор за оние редовни дружви, дискусии кои ќе ги слушнеш токму во хотелот каде што престојуваат нашите кошаркари. Слободата е скратена, се гушиме во „балонот“, се движиме во страв, бидејќи и ние како ракометарите мора да се тестираме за да бидеме дел од европскиот ракометен спектакл во Дебрецен.

ПРАВИЛОТО НА ХАНСЕН

Македонија, Данска и Словенија се сместени во ист хотел во центарот на градот. Дел од навивачите се обидуваат да ја пробаат својата среќа. Да направат фото со нашите репрезентативци или пак со ѕвездите на Данска и Словенија. Секако во центарот на вниманието е Микел Хансен. Токму еден од нашите навивачи се обиде да направи фотографија со него. Не дека е ладен како играч, но правилото во време на пандемија коронавирус максимално го почитува, па ги одби, порачувајќи дека не може да им ја исполни нивната желба бидејќи е премногу ризично да го направи тој потег. Почит за него!!!!

МАКЕДОНСКО ИМЕ НЕМА ДА ЗАГИНЕ

Ех, што ми е криво. Ние Македонците сме број еден нација кога станува збор за големите натпреварувања. Некој ќе рече дека претерувам оти сум од оваа земја. Но, навистина е така, и во време на Ковид-19, „фалангата“ дојде во голем број, со песна, со љубов, верба и со искрена поддршка им испрати порака на нашите ракометари – дека не се само, а дека македонско име нема да загине. Ја сакаме Македонија, а најобединети сме на трибините, пред ТВ-екраните…кога нашите спортисти играат во „црвено-жолтиот’ дрес.

ЗА КРАЈ ПРИЗНАНИЕТО НА СЛОВЕНЦИТЕ

Новинарите од Словенија се во мал број присутни во Дебрецен, ако ги споредиме со нашите македонски. Веќе секое големо натпреварување кога играме со оваа земја, доаѓаат истите фаци. Вчера имавме можност малку да дискутираме за дуелот меѓу Македонија и Словенија.

„Искрено Лазаров ги изненади сите. Словенија цело време се подготвуваше за Лазаров, сите движења беа наметени за него, но кога дознавме дека е повреден, се се урна како од кула од карти. Точно е дека имаме позвучни имиња од вас, но играчите беа збунети, не знаеја што да очекуваат. Имате добар тим навистина, кој ветува многу. Би сакал да ја победите Црна Гора и заедно да одиме во главната рунда“, ни рече еден од колегите. Желбата е обострана, сакаме победа и тоа денеска. Нека биде фешта, вистинска македонска!


sportmedia.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk