Германска Борусија (Д) е прв четврфиналист во Лигата на шампионите, откако вечерва на домашен терен одигра нерешено 2:2 против Севилја, и со вкупни 5:4 обезбеди место меѓу осумте најдобри во најсилното клупско натпреварување.

Севилја прва притисна уште на почетокот на мечот. Гостите во почетните 15-тина минути се обидоа да го принудат домаќинот да се повлече, но тоа и не донесе некоја исклучителна ситуација за гол.

Сепак, во 17. минута видовме одлична акција меѓу Окампос и Сусо. Вториот биеше силно, но само крај голот на домашните.

Германците чекаа на својата прва вистинска шанса и дочекаа во 35. минута да одземат топка во половината на Севилја, брзо да проиграат в лево преку Ројс, кој само ја врати топката на пет метри за Халанд, кој лесно погоди во гостинската мрежа за водство од 1:0.

На стартот на вториот дел големи мешаници на теренот и една чудна ситуација. Халанд погоди за 2:0, Чакир и ВАР системот го проверуваа голот, па турскиот судија го поништи покажувајќи дека претходно имало пенал за Германците. Халанд биеше, Боно одбрани, но Чакир го врати пеналот на ново изведување, затоа што голманот на Шпанците превреме го напушти голот. Од втора, Халанд не згреши и Борусија во 57. минута поведе со 2:0.

Во 69. минута од мечот, Чакир покажа пенал и за Севилја. За гостите сигурен егзекутор беше Ен-Несри кој намали на 2:1. До крајот Борусија го намали темпото, а Севилја имаше само јалови обиди да се врати во игра. Сепак, во последната минута од судиското надополнување, Ен-Несри погоди за 2:2, но веќе беше прекасно за сензација.

БОРУСИЈА (Д) – СЕВИЛЈА 2:2

 

sportmedia.mk