Женската кошарка во Македонија е болна тема со години. И на клупско и на репрезентативно постојано се бара начин како да се вратат едни други времиња, кога салите беа исполнети токму за женската кошарка, конкуренцијата беше жестока, а младите го сакаа овој спорт. Во најсилната лига немаше драстична разлика во квалитетот, за кошарката се зборуваше и се пишуваше на големо.

И додека младите се пола пат, поточно во дилема, дали навистина треба да се посветат на овој спорт, ни доаѓа по малку изненадувачка, би рекле неверојатна вест.

Кошаркарки, токму од тие времиња одлучија да се вратат на терените. КФСМ од оваа година воведе Прва Б лига, доволен предизвик за ветеранките на Гризли Баскет да се пријават во истата и да ги убедат идните надежи дека кошарката и тоа како е убав спорт.

Станува збор за кошаркарки кои буквално биле ривали, играле за различен тим, но пријателството останало со години. А идејата за да бидат дел од вторлигашката конкуренција се родила ова лето. Овие девојки почнале со баскет-дружба, истата прераснала во нешто посериозно. Дел од нив на терените ќе се вратат по повеќе од 15 години.

Сања Богоески и Сања Костов, две поранешни кошаркарки и репрезентативки, се основачите на ЖКК Гризли Баскет. Тие ни ја раскажуваат својата приказна.

„Се почна ова лето. Од време на време, знаеме да се собереме во сала за баскет. Од коронавирусот овие дружби беа сведени на минимум, чекавме да дојде лето за да можеме повторно да играме кошарка.

Ова лето беше посебно инспиративно. Заедно со Сања одлучивме да формираме кошаркарска школа за дечиња. Многу брзо се роди и нова идеја. Средбите со некогашните кошаркарки, ме инспирираа да им предложам да формираме екипа на ветеранки која ќе се натпреварува во новоформираната лига.

Искрено, веднаш наидов на позитивен одговор. Иако сите долго време немаат тренирано кошарка и имаат други обврски, ми подадоа рака. Знаете кошарката не се заборава, тоа е исто како и возењето на автомобил. Најголем „проблем“ беше да се вратиме во добра физичка форма, но одиме чекор по чекор“, вели Сања Богоески.

Целта е една – да се забавуваат на теренот, да ги инспирираат младите.

„Нашата цел е да се забавуваме на терените, да се потсетиме на старите времиња кога ние меѓу нас бевме противнички на теренот, но истовремено да испратиме порака и да го мотивираме младите кошаркарки, дека треба да продолжат со овој спорт“, дополнува Сања Костов.

Гризли Баскет веќе стана хит, токму поради својата уникатност и составот на кошаркарки. Дебито во Првата Б лига ќе го имаат во сабота на гостински терен против Шкупи.

sportmedia.mk