logo
logo
logo

Гостивар го сопре Работнички, МЗТ се истури врз Вардар

Vecer | 17.04.2021

Гостивар го сопре Работнички, МЗТ се истури врз Вардар

Очекувано, Работнички и Гостивар одиграа рамноправен натпревар, кој на крајот заврши во корист на гостинскиот тим. Кошаркарите на Александар Јончевски успеја да ја прекинат серијата на тимот од „Градски парк“ и да слават со 79-83.

Домаќинот имаше шанса за триумф, но падна во самиот финиш. Направи неколку грешки, меѓу кои и намерната лична грешка на Младеновиќ. Костоски прво со тројка, а потоа со едно слободно фрлање го реши мечот.

Прв стрелец кај победникот беше Костоски со 21 поен, Јанески имаше 20. На другата страна Младеновски имаше 19 поени и 9 скока. Со оваа победа Гостивар се искачи на третото место, додека Работнички со скор од 12-6 се наоѓа на седмата позиција на табелата.

Првата четвртина мина во знакот на гостинскиот состав, кој имаше водство од шест поени (13-19), Работнички намали на 26-27, две минути подоцна со серија од 7-0 дојде на плус 38-31, пред одморот позитивата беше 44-35.

Избраниците на Димитар Мираковски ја имаа контролата, одново на стартот на третиот период дојдоа до највисоките плус девет (51-42). Имаа шанса да дојдат и на двоцифрена позитива, но влегоа во серија на грешки, па гостите намалија на 57-53 во 27 минута.

Драмата почна во 34 минута кога Гостивар успеа да израмни на 65-65. Николиќ со тројка го врати водството по долго време 67-68. Димчевски на три и пол минути до крајот погоди од истото место за 69-74. На 45 секунди до крајот, Работнички израмни, но Костоски постигна важна тројка за 76-79, а потоа и едно слободно фрлање по намерната лична грешка на Младеновиќ.

На оваа средба дебитираше и Иван Аска, додека второто засилување Димитар Караџовски право на настап ќе има во плеј-офот.

МЗТ Скопје лесно дојде до победа по поразот од Работнички во дербито на колото, на домашен терен го совлада Вардар со 82-66 за 11 триумф оваа сезона.


sportmedia.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk