Фудбалерот на Милан и шведски репрезентативец Златан Ибрахимовиќ призна дека се уште не размислува за пензија и додаде дека неговите соиграчи побарале од него да ја носи капитенската лента против Удинезе, пренесува Sky Italy.

Фудбалерите на Милан синоќа беа поразени од тимот на Удинезе со резултат 3:1, а единствениот гол за Росонерите го постигна Ибрахимовиќ од пенал. Шведскиот фудбалер стана најстариот стрелец во Серија А.

– Горд сум што сум дел од историјата на овој голем клуб со голема историја и играчи кои направиле неверојатни работи. Сепак, овој мој гол не ни донесе бодови, што и јас го посакував. Горд сум и што бев капитен, но играта не се одвиваше како што сакавме – изјави Ибрахимовиќ.

– Се чувствував добро на теренот, не бев во стартниот состав 14 месеци, важно е да се биде во добра физичка форма. Ако се чувствувам добро како овој пат, сепак можам да играм – објасни шведскиот фудбалер.

Ибрахимовиќ призна дека Исмаел Бенасер во име на останатите играчи побарал Швеѓанецот на овој меч да ја носи капитенската лента.

 

– Бенасер ми пријде и ме праша дали сакам да бидам капитен. Му реков: „Во ред, ќе го симнам притисокот од тебе и ќе те оставам да се фокусираш на натпреварот“, рекол Ибрахимовиќ.

Конечно призна дека се уште не размислува за пензија иако во октомври ќе наполни 42 години.

– Ако сум во добра форма, сакам да продолжам да играм. Оние кои се пензионираат и се чувствуваат подготвени често жалат поради тоа. Многу страдав овие 14 месеци и ова е мојата шанса да надокнадам и да се вратам во спортот. Среќен сум во Милан, се зависи од тоа што сакаат во овој клуб – заврши Ибрахимовиќ.