ПРОГЛАСЕНИ НАЈДОБРИТЕ КОШАРКАР(К)И ВО 2007 Г

Гоцевски и Колариќ играчи на годината

На свеченоста во просториите на хотелот Александар Палас признанија добија и најуспешните тренери, млади спортисти и спортски работници кои ја одбележаа годината што изминува

Играчите Златко Гоцевски (Фени Индустри) и Инес Колариќ (Вигор Скопје) се прогласени за најдобри кошаркар(к)и во 2007 година во Македонија, во изборот на 14 медиуми од Македонија. Двајцата кошаркари високото признание го добија на свеченоста која ја организираше Кошаркарската федерација на Македонија во просториите на хотелот "Александар Палас". Признанија добија уште Војдан Стојановски (Амак СП), и Ханка Муса (Водњански Лисици), како најмлади кошаркари.

Третпат во низа признанието за најдобар интернационалец замина во рацете на Тодор Гечевски, кој веќе подолго време го носи дресот на хрватскиот тим Задар, а годинава и капитенската лента. Марјан Лазовски, тренерот на младата репрезентација на Македонија, сега во улога на кормилар на МЗТ Скопје го доби признанието за најуспешен тренер во Македонија, а во работата со млади категории Панче Милевски.

Луѓето од КФМ не ги заборавија и оние кои дадоа придонес за афирмацијата на Мак баскетот. Посебни признанија добија кошаркарскиот клуб Вардар кој одбележува 60 години од постоењето и професорот во пензија д-р Симеон Дуковски од Катедрата по кошарка на ФФК.

- Наградата ја добив јас, но немаше да биде незаслужено ако заминеше во рацете на Богоев или Грнчаров, кои исто така дадоа голем придонес за освојување на првата титула на Струмица 2005, вели Златко Гоцевски, кој во минатата сезона настапуваше за струмичкиот прволигаш.

Славчо ТРОШАНОВСКИ
Фото: Н. БАТЕВ


Поврзани

Најнови вести

Коментари