МТЗ СКОПЈЕ СО НОВ КОРМИЛАР

Гацов на жешката фотелја

Добрите познавачи на кошаркарските прилики во Македонија не паметат кога последен пат во една сезона некој клуб сменил дури тројца тренери. Но, и тоа се случи, во редовите на МЗТ Скопје, кој никако да се најде себеси, широко да ги отвори вратите на патот до шампионската титула. Годинашнава прволигашка сезона ја започна Александар Петровиќ, но бидејќи не му се допадна поразот од Работнички, беше сменет со Будимир Јоловиќ. Тој многу кусо седеше на клупата, само три натпревари, и своето место му го отстапи на стратегот од Србија, Предраг Јаќимовиќ. Но, и тој не се задржа долго време, почувствува одговорност за слабите резултати на тимот во купот и првенството, поднесе оставка како морален чин која луѓето од МЗТ Скопје веднаш ја прифатија и експресно дупката ја пополнија со Игор Гацов. Тој завчера го водеше тренингот на екипата, а беше најавено дека синоќа ќе го води тимот против Лирија во националното првенство.
- Многу убави работи ми се случија за кусо време. Прво добив лиценца од ФИБА за менаџер, а еве сега станав и тренер на МЗТ Скопје. Оваа работа не ми е непозната. Шест сезони го формирав и водев Амак СП со голем успех, а лани и Работнички во домашното првенство и БИБЛ-лигата. Сега сум во редовите на штрковите", ќе се обидам и со овој тим да бидам успешен. Работата е повеќе од одговорна, но јас сум подготвен да ја оправдам довербата. МЗТ Скопје е голем предизвик, вреди човек да вложи труд и знаење за да стигне до целта. Договорот со управата на клубот има важност до крајот на сезоната, а потоа ќе видиме, вели Игор Гацов.

Поврзани

Најнови вести

Коментари