По неуспехот во МЗТ Скопје

Емил Рајковиќ си најде нов клуб

По заминувањето од МЗТ Скопје Аеродром, Емил Рајковиќ е новиот тренер на полскиот прволигаш Стал Остров. Тој во овој клуб ќе го наследи Зоран Сретеновиќ, кој доби отказ по трите порази по првите три меча од новата сезона во полското првенство во кое екипата е на дното на табелата.

Рајковиќ е добро познат во полската кошарка, откако од 2014 до 2016 година беше тренер на Шласк Вроцлав од каде и дојде во МЗТ ова лето. Сепак, со „металците“ лошо ја стартуваше сезоната во АБА лигата, и реши да си поднесе оставка бидејќи се чувствуваше виновен што дел од играчите кои во клубот дојдоа по негово лично барање, не ги оправдаа неговите очекувања и играа многу послабо од можностите.

Поранешниот тренер на „Аеродромци“ рано ја заврши играчката кариера, па затоа сега со 38 години има десетгодишно тренерско искуство. Во Стал, најпознати играчи се американскиот бек Куртис Милаџ, бугарското крило Христо Николов и Полјакот Симон Шевчик.

Рајковиќ замина за Полска да ги дефинира сите детали околу трансферот. Ако сè биде како што треба, Рајковиќ во својот нов клуб ќе дебитира на 22 октомври на гостински терен против Сиарка Тарнобжег, тим кој истотака не знае за победа сезонава, но има одиграно само два меча.

Поврзани

Најнови вести

Коментари