Извонредниот Лионел Меси вечерашното „Ел Класико“ во Мадрид го дочекува со рекорд од 27 постигнати голови на овие легендарни пресметки со најлутиот ривал. Капитенот на Барселона, се разбира, е најдобриот стрелец во историјата на натпреварот, а вечерва ќе има можност и да ја зголеми статистиката со евентуално нов погодок на стадионот „Алфредо Ди Стефано“ оваа вечер.

Она што уште повеќе ја потенцира брилијантноста на првата ѕвезда на Каталонците е и фактот дека сите сегашни членови во составот на Реал Мадрид заедно имаат еден гол помалку на Ел Класико, отколку што има само Лионел Меси. Карим Бензема (9), Серхио Рамос (5), Рафаел Варан (2), Марсело (2), Марко Асенсио (2), Касемиро, Федерико Валверде, Лука Модриќ, Винисиус јуниор, Лукас Васкез и Маријано имаат постигнато по еден гол за Реал Мадрид на дуелите против Барселона.

Аргентинец нема постигнато гол против вечниот ривал Реал Мадрид од мај 2018 година. Тој се надева дека вечерва ќе го прекине „постот“ и тоа токму на оваа клучна средба од која може да зависи и титулата во Ла Лига.

sportmedia.mk