Е.Пелистер вечерва (20:45 часот) му гостува на Спортинг Лисабон во рамките на 5. коло во Европската лига. Пред битолчани е вистински предизвик, ќе ги одмерат силите со лидерот во групата Д.

На ова гостување избраниците на Жељко Бабиќ доаѓаат со добра серија во ова натпреварување, три меча се без пораз. По ремито со Кадетен, го совладаа АЕК во Атина и Татабања пред своите навивачи. Разликата на табелата не е голема, Спортинг има еден бод повеќе од Е.Пелистер, па победа може да ги вивне битолчани на лидерското место.

До сега двата тима двапати се имаат сретнато и тоа пред две години. Спортинг се покажа како незгоден на домашен терен, додека единствениот македонски претставник на домашен терен одигра многу подобро, беше поразен со еден гол разлика.

Од тогаш во редовите на Е.Пелистер се променети многу работи, ракометарите играат многу подобро, па нема да биде чудо ако вечерва направат уште еден голем чекор во Европската лига.

Противникот е добро анализиран, тактиката е подготвена, останува на дело да се спроведе договореното.

„Имаме самодоверба и победничко чувство. Лутавме на натпреварот против Ним, но потоа ја најдовме нашата форма. Спортинг е интересна екипа, но далеку од тоа дека не можеме против нив. Игравме на нивни терен, можеби тоа е мала предност, но далеку од тоа дека не сме подготвени и дека нема да играме во Лисабон на победа. Цел ни е да им ги одземеме тие таканаречени лесни голови и полуконтрата. Мислам дека имаме шанса и ако го исполниме договореното имаме шанса за еден или два бода“, вели Немања Обрадовиќ.

sportmedia.mk