ПО ОСТАВКАТА НА СРБИНОВСКИ

Докузовски на клупата на Работнички

Марјан Србиновски повеќе не е прв тренер на екипата на Работнички. По поразот од Лирија во петтото коло од Супер лигата стратегот на најтрофејниот клуб во Македонија, Работнички, поднесе неотповиклива оставка незадоволен од сето она што го прикажуваат неговите ученици. Чашата се прели на последниот натпревар и тој реши повеќе да не ја води екипата. Во таква ситуација привремено спасот беше најден во ангажирањето на Марин Докузовски, кој поради селекторските обврски по завршувањето на ланската сезона во Првата лига тренерската фотелја му ја отстапи на Марјан Србиновски. Но, очигледно резултатите кои годинава ги бележи тимот од Градскиот парк не се онакви какви што посакуваше Србиновски и тој замина. Докузовски ќе го води тимот на неодредено време, односно до моментот додека луѓето од клубот не најдат соодветна замена. А тоа мора да го решат многу брзо, бидејќи Докузовски ќе нема време за работа во Работнички, бидејќи го очекува обемна програма за работа на репрезентацијата пред стартот на ЕП во Литванија годинава, кое почнува на 31 август.

Поврзани

Најнови вести

Коментари