Стартува новата сезона во Првата кошаркарска лига

Докузовски има рецепт за МЗТ Скопје и услов за Македонија

Тренерот на Работнички, Марин Докузовски, верува дека сезонава има тим кој достојно ќе му парира на шампионот, а за враќање на селекторското столче како услов ја посочи поголемата минутажа на македонските играчи во своите клубови, пред се за оние кои играат во македонското првенство. Доколку се исполни овој услов повторно би прифатил да бидам селектор на Македонија

Уште на стартот од новата сезона во македонската Прва кошаркарска лига, љубителите ќе имаат можност да уживаат во два дерби натпревари. Првиот ќе се одигра денеска во 19 часот, а во него силите ќе ги одмерат најтрофејниот кошаркарски клуб, Работнички, и секогаш незгодниот тим на Куманово. Пет дена подоцна, во СЦ "Јане Сандански" актуелниот шампион на Македонија, МЗТ Скопје, ќе го пречека минатогодишниот финалист Карпош соколи.

Со оглед на тоа дека веќе неколку сезони тимот од "Градски парк" не е ниту блиску до титулата, тренерот Марин Докузовски верува дека годинава неговите избраници ќе успеат да ја прекинат доминацијата на "металците", кои последните шест години освоија исто толку круни. Задоволен од новајлиите кои пристигнаа летово, Докузовски, искрено верува дека клубот конечно ќе ги израдува симпатизерите на Работнички.

Генерално задоволен сум од Маркус Гинјард и Чавдар Костов, а доколку сакаме да се замешаме за титулата во домашното првенство потребни ни се уште 2-3 кошаркари. Секако дека тимот очекувам годивава да оди во нагорна линија и да покажеме далеку подобри резултати од лани. Се надевам дека клубот конечно ќе дојде на посакуваното ниво и во брзо време ќе бележи резултати какви што очекува македонската кошаркарска јавност, а тоа е борбата и освојувањето на титулата, изјави Докузовски.

Предводникот на Работнички, се надева дека за кус период клубот ќе добие нов дом, пред се поради проблемите кои ги имаа со салата во Градски парк изминатите неколку сезони.

Со години очекуваме Работнички да добие нов дом, бидејќи стариот повеќе не е функционален. Знам дека изминатите неколку сезони имавме големи проблеми со салата, но факт е дека повеќе од потребна ни е нова сала во која ќе бележиме далеку подобри резултати. Се надевам дека во најскоро време нашиот клуб ќе ја добие најавуваната сала и конечно ќе заличи онака како што долукува за најтрофејниот тим на Македонија, додаде Марин.

Тој исто така откри дека засега финансиската ситуација во тимот е во најдобар ред, со оглед на тоа дека кон средината на минатата година и тоа како беше проблем за клубот.

Што се однесува до финансиската ситуација во клубот, засега се е во најдобар ред. Се надевам дека нема да ги имаме проблемите од минатата сезона, а според досегашните најави можам да кажам дека барем во наредните неколку месеци ќе имаме доволно финансии за се што му е неопходно на Работнички, вели Докузовски.

На крајот, Марин додаде дека повторно би застанал на чело на македонкиот национален тим, но под еден услов.

Тоа е комплицирано прашање во овие моменти, но финансиите не се проблем во оваа ситуација. Имено, пред извесно време разговарав со претседателот на федерацијата, Петар Наумоски, околу некои првобитни интервенции кои што ќе треба да се направат за нашата селекција да бележи добри резултати во иднина. Несомнено е потребно македонските играчи да добиваат далеку поголема минутажа во своите клубови, пред се тоа важи за нашата лига. Доколку оваа ситуација се реши секако дека би прифатил да бидам селектор на Македонија, секако доколку добијам понуда за таа позиција, заврши Докузовски, кој со репрезентацјата го направи најголемиуот успех, четвртото место на ЕП во 2011, во Литванија.

Поврзани

Најнови вести

Коментари