МАКЕДОНСКИТЕ КОШАРКАРИ ВО СТРАНСТВО

Димитровски дебитираше со пораз

ВО СВОЈОТ ПРВ НАСТАП ЗА ПОЛСКИОТ СЛАСК, ТОЈ ПОСТИГНА ШЕСТ ПОЕНИ ВО ДУЕЛОТ СО ЧЕЛНИОТ ПРОКОМ (84:72)

Александар Димитровски, довчерашниот играч на актуелниот првак на Македонија, Ф. Работнички, со пораз дебитираше во дресот на полската екипа Сласк. Неговата нова екипа, во рамките на 15. коло од првенството на Полска загуби против челниот Проком со 84:72. Димитровски за 21,45 минути игра постигна шест поени, имаше две асистенции, три-еден за тројка. Со овој пораз Сласк остана на шестото место на табелата.
Во првенството на Русија, тимот на Динамо Московска Област, како гостин загуби од ЦСКА со 93:80. Ова беше шести пораз во 13. настапи на тимот на нашиот центар Душан Боцевски, кој играше 17,14 минути во кои постигна 11 поени, имаше пет скокови, еден - еден за тројка и четири - четири за единица. Во Јадранската лига на програмата беше некомплетното 15. коло во кое тимот на Задар како домаќин славеше против Ц. звезда со 88:74. Во победничкиот тим играше Тодор Гечевски, кој за 24,15 минути игра постигна девет поени, имаше и шест скокови. Кај нашиот јужен сосед, Грција на програмата беше 11. коло во кое тимот на натурализираниот Македонец, Рајан Стек, Арис, како гостин беше поуспешен од Аполон - 58:79. Стек постигна 13 поени имаше и три скока за 20,25 минути игра. Тимот на Мирза Куртовиќ во ова коло ја забележа третата победа, овојпат против ПАОК (78:67) и се одлепи од претпоследното место на табелата. Куртовиќ за 23,09 минути постигна три поени, имаше три скока и една асистенција.
Во првенството на Бугарија ништо ново. Актуелниот шампион Лукоил Академик и во 16. коло беше успешен, овој пат во дуелот со ЦСКА, како гостин, славејќи со 74:85. Стартерот Чековски постигна четири кошеви, а Ристе Стефанов 13.
Екипата на Лотоматика, во 16. коло од првенството на Италија, дома, беше поуспешна од Навиго со 82:74 и се зацврсти на четвртото место на табелата. Владо Илиевски во победничката екипа учествуваше со 12 поени и две асистенции за 28 минути игра.

Поврзани

Најнови вести

Коментари