КУП НА МАКЕДОНИЈА ВО КОШАРКА ЗА ПРЕОДНИОТ ПЕХАР НА "ВЕЧЕР" (ФИНАЛЕН ТУРНИР)

Четири желби - иста цел

ДЕНЕСКА ВО СРЦ "КАЛЕ" СЕ ИГРААТ ПОЛУФИНАЛНИТЕ СРЕДБИ: ВАРДАР О. - ПОЛО ТРЕЈД (18 Ч.) И МЗТ СКОПЈЕ 2000 - Ф. РАБОТНИЧКИ (20.15 Ч.), А ФИНАЛЕТО Е В ЧЕТВРТОК ВО ИСТАТА САЛА (20.15 Ч.). ВЛЕЗНИЦИТЕ СО ПОПУЛАРНА ЦЕНА - 50 ДЕНАРИ ЗА ПОЛУФИНАЛЕТО, А 70 ЗА ГОЛЕМОТО ФИНАЛЕ

Најавата дека екипите ќе ги активираат целиот свој потенцијал, опиени од мирисот во кошаркарската арена на СРЦ "Кале" во Скопје, е причина повеќе да се видат и годинашниве 13-ти по ред, завршни натпревари во Купот на Македонија. На крајот на победничкиот пиедесетал ќе има место само за најдобрите. Евидентен е подемот во играта на екипите кои ќе се борат за вредниот трофеј - Ф.Работнички, МЗТ Скопје 2000, Вардар Осигурување и Поло Трејд ,што е уште една гаранција дека годинашнава завршница за преодниот пехар на "Вечер" ќе бидат специфични по многу што во позитивна смисла изненадувачка и за гледачите. Со цел што повеќе публика да се најде во храмот на спортот, Кошаркарската федерација на Македонија реши за двете полуфинални средби, цената на билетите да биде популарна - 50 денари, а за финалето 70 денари. Во прилог на желбите на организаторите оваа приредба да ги надмине сите очекувања, зборува и вчерашната промоција на организацијата на Купот со Агенцијата "Нов момент" од Скопје. И луѓето од УО на КФМ на вчерашната средба со новинарите, посебно Тихомир Петрески и Зоран Источки, потврдија дека во СРЦ "Кале" ќе се случи нов момент. Годинава за првпат финалето ќе го судат тројца судии кои беа одредени со ждрепка (Денковски, Златевски и Мицевски), а за полуфинале останува истата шема - по двајца делители на правдата: Вардар О. - Поло Трејд (18 ч., Диковски и Митровски), МЗТ Скопје 2000 - Ф.Работнички (20.15 ч., Стојовски и Милоевиќ). Пред денешните полуфинални дуели тренерите на МЗТ Скопје 2000, Александар Петровиќ и на Јорданчо Давитков, Ф.Работнички истакнува дека во ваквите дуели решавала моментната инспирација на поединци, поголемата желба за победа. Од причина што и двете екипи премногу се познаваат ќе нема изненадување и на тактички план. Според тренерот Марјан Лазовски, Вардар О. е во предност, бидејќи доби најлесен противник во Поло Трејд, но за да се освои трофејот потребно е добра игра на паркетот. Тој верува дека ќе игра во финалето. Струмички Поло Трејд растоварен од неучеството во разигрувањето за титулата верува дека во Купот ќе се претстави во најсветло издание, тренерот Перо Настев и играчите најавуваат дека можат да изненадат.

Славчо ТРОШАНОВСКИ

Поврзани

Најнови вести

Коментари