НАШИТЕ КОШАРКАРИ И ТРЕНЕРИ ВО СТРАНСТВО

Чековски и Докузовски со титула и во Бугарија

ЕКИПАТА НА ЛУКОИЛ АКАДЕМИК ОД СОФИЈА ПО 15 ПАТ СТАНА ПРВАК НА БУГАРИЈА, А СЕКАКО ГОЛЕМ УДЕЛ ВО ТОА ИМААТ НАШИОТ ИГРАЧ ЃОРЃИ ЧЕКОВСКИ И ТРЕНЕРОТ МАРИН ДОКУЗОВСКИ

Завршија натпреварите во кошаркарското првенство на Бугарија. Нов-стар првак е екипата на Лукоил Академик од Софија, кој и во третиот финален натпревар од разигрувањето беше подобар од ЦСКА - 88:67. Со овој триумф Лукоил Академик му се реваншира на противникот за поразот во финалето од националниот куп. Ѓорѓи Чековски и овојпат беше солиден под кошевите, собра доста топки, а постигна и 9 поени. - Еден човек во текот на Лигата остана во сенка. Тоа е Марин Докузовски. Сега е вистинскиот момент да му се заблагодарам за сето она што го направи за екипата и има огромен придонес за овој успех, вели тренерот на ЦСКА, Константин Папазов. Кај нашиот северен сосед Србија и Црна Гора се одигра 14. коло од Супер лигата во кое белградски Партизан, на гости, во Подгорица ја победи Будуќност со 76:87. Предраг Самарџиски во црно-белиот дрес за 15 минути игра постигна 10 поени, имаше 5-3 за двојка, 5 скокови и една блокада. Актуелниот освојувач на Купот на Хрватска, Задар ја прокоцка првата шанса да поведе во финалната серија за титулата против Цибона, која дома во вториот натпревар беше убедлива - 88:60 (1-1 во победи). Бледата игра на нашиот Тодор Гечевски се одрази и на севкупниот учинок на целиот тим на Задар чии играчи посебно во првото полувреме се изнапромашија. Во прилог зборуваат и шутевите за тројка 14-1. За освојување на титулата во националното првенство се потребни три победи. Во првенството на Словенија, актуелниот шампион Олимпија го доживеа првиот пораз. Во вториот финален натпревар Слован како домаќин славеше со 89:67 и го изедначи резултатот во победи (1-1). Во дресот на Олимпија го немаше нашиот интернационалец Душан Боцевски. (С.Т.)

Поврзани

Најнови вести

Коментари