Чеферин нема предизвикувач за претседателското место во УЕФА

epa06876301 UEFA president Aleksander Ceferin speaks during a press conference in Riga, Latvia, 09 July 2018. Ceferin is on an one-day working visit in Riga to meet representatives of the Latvian Football Federation and the Riga municipality. EPA-EFE/TOMS KALNINS

Александер Чеферин нема да има против-кандидат на изборите за претседател на УЕФА, со што Словенецот останува уште барем четири години на чело на моќната европска фудбалска асоцијација.

Чеферин го наследи Французинот Мишел Платини на чело на УЕФА во 2016 година, а во август беше номиниран за втор мандат пред изборите во февруари 2019 година. Поранешниот претседател на Словенечката фудбалска федерација сега останува уште четири години на чело на УЕФА, бидејќи потврдата на изборот во Рим на 7 февруари останува чиста формалност.

Претходно оваа недела, Чеферин најави остра борба против плановите за формирање на европска Суперлига на богатите клубови, ветувајќи еднаквост за сите.

„Ќе се борам против таква идеја додека сум на чело на УЕФА“, изјави Чеферин за магазинот „Кикер“.

УЕФА исто така ги потврди кандидатите за потпретседателското место во ФИФА и за местата во советот на ФИФА. Унгарецот Шандор Чањ уште четири години ќе биде потпретседател на ФИФА откако и тој немаше против-кандидат, додека претседателот на англиската ФА, Грег Кларк ќе се бори со претседателот на Ирската ФА, Дејвид Мартин за позицијата која е гарантирана на четирите британски асоцијации.

Претседателот на Германскиот фудбалски сојуз (ДФБ), Рајнхард Гриндел ќе остане член на советот на ФИФА, додека му се приклучуваат Португалецот Фернандо Гомеш и Кипарецот Јоргос Кумас.

Фото: ЕПА

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари