Во аналите на мак – фудбалот ќе влезе тој 31 март 2021 година, кога вечерта во таа среда, Македонија среде Дуисбург ја победи Германија со 2:1. Неверојатен, фантастичен резултат на нашите момци, на нашите херои.

И со право сега се нешто го врзуваме со тој натпревар, со таа блескава победа.

Па така и следниот податок.

Езџјан Џани Алиоски, миленикот на фановите во Македонија, за 10 дена успеа прво да ја победи таа силна Германија, а вчера, со својот Лидс во меч од Премиер – лигата, да слави победа и против Манчестер Сити, веројатно најсилниот тим во моментив во светот, и тоа на негов терен, на „Етихад“. Да го победи Пеп Гвардиола, тренерскиот маг.

Е, па, БРАВО Џани. БРАВО МАЈСТОРЕ.

Вчера Џани не само што играше против Сити, туку во 91.минута му асистираше на стрелецот на победничкиот гол Далас за 2:1.

И во Дуисбург 2:1 за Џани, и во Манчестер 2:1 за Џани.

Секако дека Илкај Гундоган, играчот за врска на Германија и Манчестер Сити, ќе го сонува нашиот Џани.

Вистински кошмар му станува.

А, кој ли само пред 31 март можеше да препостави дека “малата“ Македонија ќе може така да си поигрува фудбалски со еден ГИГАНТ, со една Германија.

Нам ни останува со нетрпение да го чекаме 11 октомври, нашиот државен празник, кога пред 35.000 фанови, ако се биде во ред со короната, кога ќе ни гостува Геманија.

Нестрпливи сме на “панцерите“ да им “дадеме“ репете….

sportmedia.mk