Очекувана завршница на полуфиналните пресметки во Купот на Македонија, кој се одржува во Кавадаци. Втората средба мина во знакот на Е.Пелистер, го совлада Бутел Скопје со 25-21 (16-9) и закажа финале со Вардар 1961. Новата пресметка за трофејот оваа сезона меѓу двата тима е закажана за во недела (19:30 часот).

Битолчани одиграа доминантно прво полувреме кое го добија со седум гола разлика (16-9). Отворија со 4-1, нешто подоцна зголемија на четири гола разлика (8-4). На другата страна противникот имаше кратки епизоди, недоволни за да биде рамноправен противник.

Е.Пелистер, се опушти во вториот дел, па Бутел Скопје искористи шанса да ја намали големата негатива, спушти на три гола разлика 18-15, 21-18 и 24-21. Сепак избраниците на Жељко Бабиќ ја имаа контролата на мечот, без проблем го завршија во своја корист.

Во составот беше и Јосип Периќ, кој не играше против „црвено-црните“ на важниот меч во Битола. Павлетиќ со шест погодоци беше прв стрелец, еден помалку запиша Мандалиниќ, Мараш имаше четири гола. Митев и Мајиќ имаа по пет погодоци во таборот на Бутел Скопје.

sportmedia.mk