ПРВА КОШАРКАРСКА СУПЕР ЛИГА

Битолчани флит за Ф.Работнички

По успехот во полуфиналето од Купот, С.Пелистер славеше победа и во домашното првенство против најтрофејниот клуб во земјата Ф.Работнички, со што ја обезбеди третата позиција на табелата

Уште пред натпреварот со Ф. Работнички реков дека силно го посакуваме триумфот против тимот, единствен кого го немаме победено во лигата. Мотивот беше присутен и кај играчите, на крајот успеавме да триумфираме и да потврдиме дека победата над Ф. Работнички во Купот (82:67) не бил случаен, вели тренерот на С.Пелистер, Младен Микиќ.

Задоволството од успехот најголем во историјата на клубот не го криеше и претседателот на клубот, Марио Трифуновски.
- Нашата екипа е со скромен буџет, но желбата за победа и докажување е голема. Огромна е сатисфакцијата со финалето на Купот и сега по освојувањето на третото место на крајот од регуларниот дел на лигата. Не застануваме тука, одиме чекор по чекор, ќе дадеме се од себе да го продолжиме позитивниот впечаток што е можно подолго во сезоната, вели Трифуновски.

Што се однесува до самиот натпревар во кој битолски С. Пелистер славеше против Ф.Работнички во продолжението (95:89, 80:80), во најголемиот дел скопјани беа во водство најмногу со 51:66 (29 минута). Меѓутоа, упорните битолчани на 9 секунди до крајот на регуларниот дел стигнаа до првото водство (80:78), но Тасовски изнуди продолжение, каде исто така гледавме вистинска спортска драма. Во последните 22 секунди од продолжението Димитар Караџовски реализира четири слободни фрлања, што беше вовед во големата радост за битолчани.

Кај С.Пелистер најефикасни беа Караџовски (34 п), Петковски (19 п) и Талевски (13 п), додека кај Ф.Работнички, Тасовски реализира 42 поени, од кои четири тројки од 11 обиди, а Стојановски и Трајковски придодадоа по 12 кошеви.

Во вториот натпревар од 9. коло актуелниот освојувач на купот АМАК СП доживеа нов пораз, овојпат против тимот на Фени Индустри со 72:75. Иако во поголемиот дел охриѓани имаа водство, најмногу со 11 поени разлика, дозволија во финишот да влезат во неизвесна завршница, во која стартуваа со 4 кошеви предност. Но, Мираковски на 20 секунди до крајот ги реализира двете слободни фрлања, а подоцна и Гоцевски постигна тројка, што придонесе на крајот да се радуваат кавадарчани.

Кај АМАК СП најефикасни беа В.Стојановски (14 п), Чубрило ( 13 п), Фрај и Агоч по 12 поени, додека кај Фени Индустри, Кол (15 п), Мираковски (12 п) и Прековиќ (12 п).

ПРВА КОШАРКАРСКА СУПЕР ЛИГА

РЕЗУЛТАТИ
АМАК СП - Фени Индустри 72:75 (26:15, 17:19, 12:22, 17:19), С. Пелистер - Ф. Работнички 95:89, 80:80 ( 16:19, 15:21, 26:26, 23:14, 15:9). Синоќа играа Овче Поле - МЗТ Скопје

ТАБЕЛА

1. Фени Индустри 25 22 3 2202:1718 47
2. Ф. Работнички 25 21 4 2169:1792 46
3. С. Пелистер 25 15 10 2047:2024 40
4. АМАК СП 25 13 12 1924:1877 38
5. МЗТ Скопје 24 11 13 1766:1822 32
6. Овче Поле 24 7 17 1744:1955 31


ИДНО КОЛО (15 АПРИЛ)

ФЕНИ Индустри - Ф. Работнички, АМАК СП - Овче Поле, МЗТ Скопје - С. Пелистер



Славчо ТРОШАНОВСКИ



Поврзани

Најнови вести

Коментари