НЕИМАР ОСТАНА СО ПРАЗНИ РАЦЕ

Барса нема да биде исфрлена од ЛШ

Бразилскиот интернационалец побарал таков епилог затоа што Барселона не му го исплатила бонусот за лојалност

Најскапиот фудбалер на денешницата, Неимар, кој за време на летниот преоден рок замина од редовите на Барселона и беше купен од ПСЖ за рекордни 222 мил. евра, побара од Европската куќа на фудбалот (УЕФА), да донесе одлука според која каталонскиот гигант ќе биде исфрлен од годинашното издание на најпрестижното клупско натпреварување, Лигата на шампиони.

Бразилскиот интернационалец побарал таков епилог затоа што Барселона не му го исплатила бонусот за лојалност.

Официјалниот извештај покажува дека УЕФА го одбила барањето на фудбалерот на ПСЖ. Иако за таквиот епилог биле известени адвокатите на бразилскиот интернационалец, УЕФА во ниту еден момент немала дилема околу тоа дали Барселона треба да биде исфрлена од годинашното издание на најпрестижното клупско натпреварување, Лигата на шампиони, пишува шпанскиот весник "АС".

Ваквата информација јасно покажува дека Неимар и Барселона не се разделиле како пријатели. Каталонскиот гигант веднаш поднесе тужба против Бразилецот поради непочитување на договорот и од Неимар побара 8 мил. евра. Неколку дена подоцна, Неимар го тужеше поранешниот клуб и побара да му биде исплатен ветениот бонус од 26 мил. евра, кој требаше да го добие во ноември.

Поврзани

Најнови вести

Коментари