ПРВА КОШАРКАРСКА ЛИГА - ЧЕТВРТФИНАЛЕ

Аврамовски експлодира во "Јане Сандански"


Благодарејќи на победата против АМАК СП, тимот на МЗТ Скопје се избори за трет натпревар, кој ќе се одигра в четврток во Охрид

Кошаркарите на МЗТ Скопје во вториот четвртфинален натпревар од разигрувањето за титулата, во својата сала, славеа победа против АМАК СП со 83:80 и ја одложија одлуката за настап во полуфиналето (во првиот меч охриѓани славеа). Гостите од Охрид одлично го започнаа натпреварот и за неколку минути имаа плус 9 (2-11). Избраниците на тренерот Марјан Лазовски постојано ја одржуваа предноста од 8 до 10 поени, но во финишот на вториот период скопјани успеаја да ја сведат негативата на подносливи 38:42.

За разлика од првото кога штрковите делуваа загубено во второто полувреме беа многу посигурни и во 26 минута за првпат поведоа (48:46). Но тоа траеше кусо, бидејќи и по 30 минути игра, АМАК СП имаше предност. Синиша Аврамовски (20 п) беше играчот кој експлодира во второто полувреме, како во одбраната така и во нападот. За него охриѓани немаа решение и во 36 минута МЗТ Скопје го имаше најголемото водство на мечот (72:66). Но, Д.Стојановски не дозволи штрковите да земат залет, со тројка го врати својот тим во игра, на една минута до крајот (75:76). Натпреварот влезе во пенал завршница каде Блажевски беше непогрешлив. Охриѓани и во таква ситуација имаа шанса да победат, но капитенот на АМАК СП Богоев на 4 секунди до крајот на успеа да погоди шут за тројка и се беше решено. Ќе се игра и трет, решавачки натпревар за пласман во полуфиналето, во Охрид, во четврток. За одбележување е и тоа што гостите од Охрид ден пред натпреварот останаа без најдобриот играч , Американецот Фрај кој доби зелено светло од луѓето од клубот да замине во Јужна Америка (!?)
- Ако ја погледнете статистиката и нашата ефикасност од линијата за слободни фрлања (28-18) ќе видите дека тука лежат причините за загубениот натпревар, вели тренерот на АМАК СП Марјан Лазовски.
- АМАК СП е доста силна екипа. Тоа го покажа на терен иако играше без најдобриот играч Џарид Фрај, но ние вечерва го оставивме срцето на терен и успеавме да победиме, вели тренерот на МЗТ Скопје, Боби Митев.

МЗТ Скопје - АМАК СП 83:80 (1-1)
Сала "Јане Сандански". Гледачи: 300. Судии: Стојовски, Денковски и Митровски од Скопје.
Резултат по четвртини: 20:25, 18:17, 19:17, 26:21.
МЗТ Скопје: Соколов 18, Нури, Нешовски, Мирковски, Кралевски, Радуловиќ 3, Радојчиќ 5, Дамјанац, Аврамовски 20, Деспотовиќ, Блажевски 21, Траиловиќ 16.
АМАК СП: Џихан, Кузевски, Стојанов, Софковски 7, Гамбирожа 17, Саздов, Д.Стојановски 18, Чубрило, В.Стојановски 7, Богоев 15, Агоч 9, Вегов.

(Б.Х.)
ФОТО: Ѓ. ЛИЧОВСКИ

Поврзани

Најнови вести

Коментари