logo
logo
logo

Ноле останува во Австралија барем до понеделник, ХАОС пред хотелот каде е „ЗАТВОРЕН“

Vecer | 06.01.2022

Ноле останува во Австралија барем до понеделник, ХАОС пред хотелот каде е „ЗАТВОРЕН“

Австралискиот федерален суд го прифати барањето на српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ и му дозволил да остане во Мелбурн до понеделник. Ова го соопшти адвокатот на првиот рекет на светот.

Претходно се дозна дека Федералниот суд на Австралија ќе го разгледа барањето на Ѓоковиќ за да му биде дозволено да остане во Мелбурн за да учествува на Австралија опен.

На тенисерот не му е дозволен влез во земјата, бидејќи, според австралиската гранична служба, направил грешка при аплицирањето за виза и таа не ги исполнува условите за влез во државата.

Членот на тимот на Ѓоковиќ, кој беше задолжен за документацијата, направил грешка и го избра типот на виза што не може да се добие со медицинско ослободување од вакцинација против Ковид-19. Поради тоа, на Ѓоковиќ му била откажана визата.

Србинот во моментов се наоѓа во хотелот „Парк“, кој е дом на баратели на азил во земјата. Токму пред хотелот се случуваат надреални сцени. Врие од обожаватели на Ноле, се слушаат народњаци, се веат српски знамиња, а на прозорците стојат имигранти кои бараат азил во земјата и престојуваат во објектот со месеци.

Инаку, за споменатиот хотел кој служи за „затворање и мачење имигранти“ неодамна пишуваше и Ројтерс. Имено, објектот од 2020 година се наоѓа под управа на Владата која тука ги држи оние кои бараат азил. Иако на интернет хотелот е опишан како луксузен објект на одлична локација со 4,5 ѕвезди вистината е поинаква.

Во декември во објектот избувна пожар, што резултираше и со неколкумина полесно повредени поединци, а оние кои престојуваат таму се пожалиле дека во храната нашле мувла и црви, за што се пишуваше во тамошните медиуми. Пред хотелот секојдневно се собираат активисти за човекови права кои денес се помешани со навивачите на Ѓоковиќ.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk