logo
logo
logo

Понеделнички

Минималец

Vecer | 13.02.2022

Минималец

Најавија од власта дека ќе се качи минималната плата за околу 2.500 денари, односно дека ќе биде округло 18.000 денари. ОК, секоја вест која подобрува стандард на граѓаните за мене е добра вест. Но, секоја вест треба да се гледа во сликата на вкупните околности, а не сама по себе. Што е причина, и што е последица од неа.Тоа е клучно во оценката дали некоја вест е – добра вест.

Ај да ја разгледаме оваа, со покачување на минималецот. Причините се познати, минималната плата не може да покрие основни трошоци ни за еден возрасен човек, а камоли за четиричлено семејство кое има две минимални плати. Тоа е причината за покачувањето. Да ги видиме сега последиците.

Покачувањето на минималната плата не е производ на зголемена економска активност и раст во државата туку наредба, наметната одлука од новата влада која сака да остави добар впечаток пред јавноста и да врзе некој гласач повеќе за себе од кругот на луѓето што се на минималец. Значи, одлуката е политичка а последиците се економски. Проблем сам по себе.

Пропагандата од власта им беше пуштена на најјако. Најдоа некој шапшал што изјави дека се враќа од странство штом чул дека минималецот ќе бил 18.000 денари. Можело добро да се живее во Македонија од тоа, подобро отколку во странство. Ликов мора да доаѓа од бегалските кампови во Етиопија штом овде му е подобро со помалку од 300 евра месечно.

Минималецот се покачува во време кога последниве години имаме зголемена инфлација и забавен економски раст, а во некои квартали и пад на економијата. Од каде тогаш ќе се најдат пари за да се платат работниците повеќе отколку претходно? Па, просто, ќе се отпуштат дел од работниците од работа, ќе добијат отказ, за да има плата за другите. Никој од газдите не размислува поинаку, ниту има намера да подига кредит за зголемени плати.

Власта ги присили работодавачите на повисок минималец, а владата од буџет ќе плаќа придонеси за зголемениот дел на минималните плати, ама само за шест месеци. Значи, откази од есен е првата последица. Втора последица од наметнатиот повисок минималец без економски услови за него е тензии во општеството и замрзнување плати на сите други. Да објаснам што значи вторава последица.

Дел од зголемениот минималец ќе се плаќа од буџет на државата. Значи, 500.000 луѓе што работат ќе плаќаат даноци и придонеси без да имаат никакво зголемување на платите, за 70.000 луѓе шест месеци да имаат зголемен минималец а после тоа, кога владата веќе нема да донира, дел од нив да добијат отказ. Ако има економски услови, зошто другите 500.000 вработени немаат никакво зголемување на платата, туку само 70.000 кои владата ги таргетирала како идни потенцијални гласачи за потребите на ДУИ и СДСМ?

Доаѓаме во ситуација наставник во школо или гимназија да има само 100 евра поголема плата од портирот и хаусмајсторот во школото. Кој е мотивот на наставникот да го прифати тоа, од негова плата и даноци преку буџетот да се зголеми платата на техничкиот персонал а он, со таа стручна спрема и одговорност за децата, да стои во место. Следи тензија кај наставниците, земени овде само како пример, кои исто така живеат во време на се повисоки цени за струја, храна, превоз и комуналии, а никој не им ја покачува платата. Тоа е манир од комунизмот, наречен “ураниловка“, модел кој и самиот комунизам го отфрли.

Владата купува гласачи, а не им нуди проекти и решенија на гласачите за нивните потреби. Ова е само последен во низата такви чекори. Купува гласачи и по етничка линија кога само Албанците од Арачиново добија милион евра помош за време на корона епидемијата, и кога 1.200 Албанци примаат плата во државна администрација а не одат на работа. Како што власта ќути кога ЕВН се жали дека во Грчец само 10% плаќаат струја. Плаќаме ние за сите нив, како што сега сите плаќаме за зголемениот минималец. Со пари од буџетот.

И не е само тој случај. Да се потсетиме на претходниот, пред само месец-два.

Власта, иако тоа и е законска обврска, свесно ги остави РЕК Битола и ТЕЦ Неготино без обавезните резерви на јаглен и мазут за да не произведуваат струја за 60 евра по мегаватчас, туку да можат они со профитни тендери да купуваат струја од странство за 250-300 евра, што е пет пати поскапо од струјата произведена во Македонија, ако има јаглен и мазут.

И, се случи енергетска криза во која БЕГ најави дека не се во состојба да испорачуваат парно греење по стара цена, бараат поскапување за дупло. Струјата исто така. Погледнете си ги сметките за струја, особено наредниве месеци, ќе видите дека поскапувањето е далеку над декларираните 10%. Во Скопје почна да се дига паника. Струјата скапа, парно нема по стара цена. Владата се најде во небрано затоа што секому беше јасно дека плански создале енергетска криза за да профитираат преку тендери со купување струја од странство.

Кое решение применија? Владата од буџет ќе ја плаќа разликата од старата цена на парното и реалната повисока цена на греењето за скопјани. Само да се смири незадоволството во јавноста, да запрат критиките по портали и социјалните мрежи протоив власта. Да ја спасат својата владеачка позиција, тоа име главната цел, другото не им е важно.

После тоа сиротињата од Прилеп, Охрид, Кавадарци, Штип, Тетово, Битола или Куманово плаќа даноци во буџет за скопјани да имаат поевтино парно греење, а они парно со очи ниту виделе ниту имаат. Ама плаќаат за нас, скопјаните. Навидум, сите задоволни. Навидум. Е тоа е истиот модел сега со минималецот. Гаси пожар кај себе, и шири го по цело маало.

Со ваквите трикови за спас на власта дојдовме во ситуација од буџетот секоја година да се плаќаат 500 милиони евра во пензиски фонд за да течат пензиите. А пензискиот фонд треба да има свој буџет. Тоа се пари кои претходно, низ годините, вработените ги плаќале на пензиската сметка за да има нивни пари за во пензија, а не да им позајамува или донира владата. Сега, ние практично немаме стабилен пензиски буџет. Вработените плаќаат дупло. Еднаш за себе за пензија, а друг дел за старите пензисиски пари што власта ги украла.

Кога ќе се појави проблем за власта, а проблемот е лошо владеење и упропастена економија, она не го решава, туку својата обврска ја префрла на грбот на граѓаните. Они да платат за нивната неспособност и корупција. Важно денот да се преживее, утре е нов тендер.

Тоа ми е муабетот. Да не мислите дека од владата нешто ви дала со покачување на минималецот. Донацијата од владата е само шест месеци, а после газдите спремаат ново пресметување на трошоците и откази ако нема подобра економија, повеќе промет и заработка. А нема да има, со овие може да биде само полошо. Тоа го гледаме секој ден.

Ќе гасат пожари, за да ги оставиме на раат да виткаат кеш од нови тендери. Се трошат парите од буџет за парно за скопјани и за минималци, иако тоа не се прави никаде, и нема за здравство, нема за улици, нема за стипендии и образование, нема за пензии... Нема покачување плати за остатаните 500.000 вработени. А цените рипаат секој ден, за сите.

Кога ќе снема пари во буџетот ќе применат реперсии: полиција, апсења, обвинители, судии за да има забава за народот дека сите, освен власта и нарко дилерите, сме криминалци. Гледате, фатија тон дрога на аеродром а сторителот доби куќен притвор. Машала. Освен од власта, заштитетни се само нивните партнери од нарко бизниост. Затоа, секој ден ќе читате по портали за нови обвиненија и судења на новинари и политичари од опозицијата.

А фрижидерот и понатаму останува празен, децата со стари патики, машината за перење е истата од пред десет години, колата стои на резерва со бензинот кој во времето на ВМРО беше 60 а сега е 80 денари за литар. Цените на пазар од тогаш до сега се дуупло поголеми.

И кај е сега Зоран Заев, атаманот на диктаторската хорда? Мисли ли на вас, се секира ли за вашите проблеми. Или, со “пенкалото што срушило режим“ штанца сметки за скијања по Швајцарии, за нови коли и златен есцајг. Погледнете ги Фејсбук и Инстаграм профилите на Фамилијата. Заеви пливаат во милиони, и братучедите, и децата нивни особено. А кај сте вие? На минималец сте.

(Д.П. Латас, 14.02.2022)

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk