logo
logo
logo

Македонија се качува во автобус без тркала - “Слоновите во Скопје и Балканска трка на желки“

Vecer | 17.07.2022

Македонија се качува во автобус без тркала - “Слоновите во Скопје и Балканска трка на желки“

Македонија се качува во автобус без тркала - “Слоновите во Скопје и Балканска трка на желки“

Последниве години, пристапување во ЕУ ја загуби својата трансформативна моќ. Едноставно веќе не е важно дали некоја земја е надвор од процесот, кандидат или преговара. Сите држави од Западен Балкан се заглавени. Македонија преговара како да се мрдне едно седиште понапред во автобус што не оди никаде.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен го посети Скопје и на членовите на парламентот им кажа: „Ве сакаме во ЕУ“. 17 години откако Македонија беше прогласена за официјален кандидат за членство во ЕУ, објасни таа, дошол моментот да се направи вистински напредок.

А неодамнешниот француски предлог нудел начин за конечно започнување на пристапните преговори.

Рускиот поет Иван Крилов еднаш напиша басна за човек кој оди во музеј, забележува секакви ситни нешта, но не забележува слон. „Слонот во собата“ оттогаш се користи да се опишат големи прашања за кои сите знаат, но за кои никој не сака отворено да разговара.

Додека зборуваше Фон дер Лајен, покрај неа во македонското Собрание имаше два такви слона.

Првиот слон: Автобус без тркала

Еден голем слон беше состојбата на процесот на проширување на ЕУ во Западен Балкан. Фон дер Лејен за прифаќањето на францускиот предлог рече:

… со отворање на оваа врата, Северна Македонија се става во преговарачкиот процес, а не надвор од него. Придобивките ќе се таложат додека напредувате. Инвестиции, подобрени трговски врски, поблиска соработка во клучните сектори како што се енергијата и транспортот. Нови добри работни места, деловни можности. Ова го сака младата генерација. Тие ја сакаат својата земја. Тие сакаат тука да ја градат својата иднина. Подготвени се напорно да работат за тоа. Но, им треба можност. Да им ја отвориме следната важна врата“.

Таа навести дека има уште една клучна врата што треба да се отвори и штом Македонците ќе минат низ неа, животот и работата, на оваа и на следната генерација, ќе се трансформираат. За жал, денес веќе има уште три други земји кои преговараат со ЕУ каде што не се случи таква трансформација: Турција (од 2005 година), Црна Гора (2012) и Србија (2014).  Новиот извештај на ESI („Балканската трка на желките - предупредување за Украина“) испитува зошто.

Нашиот извештај анализира како процесот на пристапување во ЕУ ја загуби својата трансформативна моќ последниве години, мерено од самата Европска комисија. Утврдивме дека едноставно веќе не е важно дали некоја земја е надвор од процесот, кандидат или преговара.

Годишните извештаи на Комисијата покажуваат дека Македонија, која е блокирана за отворање на пристапните преговори уште од 2009 година, денес е подготвена да се приклучи на ЕУ колку и Србија и Црна Гора. Албанија не заостанува многу.

Албанија постигна напредок надвор од процесот. Црна Гора постигна напредок во процесот. Србија (преговара), Македонија (кандидат) и Босна (не е кандидат) не постигнаа напредок. Отворањето, а потоа и продолжувањето на пристапните преговори не ги направи реформите поверојатни. А кога станува збор за фундаменталните прашања како што се владеењето на правото и човековите права, Македонија денес е веќе пред Србија – без преговори.

Истовремено, Турција, земјата која најдолго преговараше со ЕУ, има најлошо ниво на подготовка за фундаментите меѓу сите кандидати денес и назадува.

Дали е ова иднината на балканските пристапни преговори: колку подолго траат, толку помало влијание имаат?

Сето ова покренува фундаментални прашања: која е смислата на осум години пристапни преговори со Србија и десет години со Црна Гора, ако соседна земја што никогаш не отвори такви преговори е подготвена за пристапување исто колку нив?

Не само Македонија, сите држави од Западен Балкан се заглавени. Нивниот пристапен процес наликува на автобус без тркала, при што Македонија преговара услови како да се мрдне едно седиште понапред во возило што не оди никаде.

Вториот слон: Бугарија или, дали Македонците треба да постојат?

Вториот голем слон кој Урсула фон дер Лејен не го спомна ниту еднаш за време на нејзиниот говор беше единствената причина поради која мораше да дојде во Скопје: Бугарија. Со години бугарските влади и парламенти инсистираат на тоа дека етничкиот македонски идентитет се заснова на кражба на идентитет, што мора да заврши пред Македонија да влезе во ЕУ. На ова, сè што таа имаше да каже беше:

„Билатералните прашања, како историските прашања, не се услови за пристапување. Нема сомнеж дека македонскиот е ваш јазик“.

Игнорирајќи го очигледното, фон дер Лејен наликуваше на човекот во приказната на Крилов: за Бугарија, историјата останува централен услов за пристапување на Македонија. Со францускиот предлог препорачан од Фон дер Лајен, историјата станува услов за целата ЕУ.

Бугарските лидери не оспоруваат дека денес во светот има луѓе кои се сметаат себеси за етнички Македонци. Очигледно е дека ги има многу. Спорно им е од каде доаѓаат овие луѓе, како и нивното минато и нивната иднина како Македонци. Се работи за политика оние кои денес се сметаат за етнички Македонци да се трансформираат во Бугари преку притисок (вето) и стимулации (бугарски пасоши).

Бугарија го олесни добивањето бугарски пасоши за етничките Македонци, пасоши кои ги нудат сите предности на членството во ЕУ. Потоа инсистира оние со два пасоша да се сметаат за бугарско малцинство во Македонија… колку тоа малцинство ќе расте, толку подолго Македонија ќе биде заглавена. Ова малцинство, инсистира Бугарија, мора да биде вклучено во уставот, нешто што сега стана предуслов на ЕУ да го започне пристапниот процес.

Бугарија ќе се заложи за да се осигура дека оваа група ќе добие права и привилегии, вклучително и образование на бугарски јазик. Постојаната трансформација на етничките Македонци во Бугари потоа дополнително ќе се забрза преку промени во културата и образованието: децата во училиштата во Северна Македонија треба да се учат дека нивните баби и дедовци всушност биле Бугари. Тие треба да научат дека пред неколку децении авторитарните лидери ги заведувале, хипнотизирале, манипулирале и тероризирале овие Бугари. Тие треба да разберат дека кога бугарската армија, сојузник на Третиот Рајх, ја окупираше Македонија за време на Втората светска војна, дека таа не била окупаторска сила туку сила на доброто (како може да се окупираат свои сонародници?).

Бугарските влади денеска силно инсистираат на тоа дека не може да има самоидентификувани Македонци во која било друга држава, надвор од контролата на скопските власти. Во Албанија може да има само бугарско (не македонско) малцинство. Во Бугарија може да живеат само Бугари. Секој што се чувствува етнички Македонец надвор од Македонија се напаѓа како заблуден. Во Бугарија се распуштаат организациите на етничките Македонци. Пресудите на Европскиот суд за човекови права дека ова е кршење на нивните права се игнорираат.

Ако не може да има самоидентификувани етнички Македонци надвор од  Македонија, зошто тогаш има самоидентификувани Македонци внатре во земјата? Одговорот што го даваат повеќето лидери и парламентарци во Бугарија е: ова е резултат на криминалната комунистичка манипулација започната во 1944 година. Без неа денес ќе немало Македонци ниту во Македонија. Но, бугарските лидери сега имаат причина за надеж. И ја најдоа совршената алатка за да ја избуткаат нивната вистина: желбата на македонските граѓани да влезат во ЕУ.

Мистериозниот протокол

Последниве месеци бугарските лидери инсистираа дека за нив бил клучен билатералниот протокол.

И бугарскиот претседател Румен Радев многу јасно и гласно порача дека за неговата земја нема ништо поважно од овој протокол.

„Промената на Уставот не е победа, туку само еден чекор на патот на интеграцијата. Од содржината на билатералниот протокол зависи вистинската заштита на бугарските интереси, на нашето културно и историско наследство, на рехабилитацијата на жртвите и прекинувањето на процесот на деморализација“.

Овој протокол, според Радев, треба да содржи „постапки, механизми и рокови и критериуми“.

Дали е така? Никој не знае со сигурност. До моментот на посетата на фон дер Лејен во јули, билатералниот протокол сè уште не беше јавен. Верзијата што протече за Дојче веле на 1 јули, сепак сугерира дека Бугарија победила. Нема измени за да биде пообјективна работата на комисијата. Наместо тоа, протечената верзија на протоколот инсистира историчарите во комисијата да даваат резултати брзо.

Таму ќе најдете и нео-колонијалистички пасуси како овој:

„Владата на Република Северна Македонија да ѝ достави на Република Бугарија примероци од сите методолошки упатства, учебници, наставни помагала и други релевантни наставни материјали во образовната програма на Република Северна Македонија во согласност со член 12 од Програмата помеѓу Владата на Република Бугарија и Владата на Република Северна Македонија за соработка во областа на образованието и науката“.

Ова не е тон на академски дебати во отворени општества:

„Двете земји треба да вклучат во наставните програми, учебници и релевантни наставни материјали, натписи на споменици, информативни материјали во музеи и други локации од образовно и културно значење, како и релевантни информации во електронски информативни медиуми во јавна сопственост, во рок од две години“.

Засега никој не знае повеќе, бидејќи билатералниот протокол не беше споделен со македонската јавност, па ниту со пратениците. Зошто? Дали зашто следниов редослед станува политика на ЕУ:

1. За Македонија да тргне по својот пат кон ЕУ, таа мора да биде „добар сосед“, што значи…

2. ....се бара „строго и целосно спроведување“ на Договорот за пријателство, што значи…

3. ....„вистински напредок“ во Комисијата за историја и образование, што значи…

4. ... историчарите се согласуваат за една (бугарска) верзија на историјата, за потоа ...

5. … политичарите да се погрижат ова да биде единствената верзија за учениците и јавноста.

Можен Излез: Гаранции за Скопје

Според францускиот предлог, Македонија ќе може да постигне напредок само со усвојување уставни измени за кои е потребно двотретинско мнозинство. Како да се најде двотретинско мнозинство за уставни измени, кога опозицијата на тоа ги исцрта црвените линии? Еден пат нанапред би било да се дефинираат јасни гаранции. На ум ми доаѓаат три:

- јасна врска помеѓу датумот кога стапуваат на сила уставните измени што ги бара Бугарија и конкретните придобивки и резултати што треба да ги испорача ЕУ. На овој начин, бугарските влади би имале интерес за напредок на Македонија, а не обратно.

Бугарите би можеле да бидат признато малцинство кога а) би се отвориле сите поглавја?, б) Македонија би станала членка на ЕУ?

– јасна изјава на Европскиот совет дека дебатите и резултатите во историската комисија не смеат и нема да станат услови за напредок во пристапните преговори.

– одбивање на сериозни историчари од Македонија и од Бугарија да учествуваат во каква било злоупотреба и да ја бојкотираат комисијата ако не се гарантира академската слобода. Историски комисии можат да функционираат, но не како сцени за националистички политички театар. Најдобар начин за напредување би било да бидат да се назначат и компетентни историчари од други земји, избрани од УНЕСКО и Советот на Европа.

Доколку ова не се разјасни, наскоро ќе видиме како Академиите на науките и министерствата за надворешни работи во други земји подготвуваат „историски услови“ што треба да ги исполнат нивните соседи кои се стремат да се приклучат на ЕУ. Ова веќе почна да се случува во Загреб.

Тоа би било како во автобусот без тркала да избувне пожар: дури и најтрпеливите патници ќе брзаат да излезат. Тоа е пожар што ЕУ не може да дозволи да излезе од контрола.

Гералд Кнаус и Кристоф Бендер

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk