logo
logo
logo

М. м. е. кој прв почна

М.м.е кој прв почна

Vecer | 12.09.2021

М.м.е кој прв почна

Ете, во дваеспрви век, дочекавме да видиме и парада во Скопје. Онака, права комунистичка. Да му покаже на народот колку е успешна државата иако он, поединецот, е гола вода. Демек, он и фамилијата му се тиња, ама барем на државата добори и оди.

И видовме парада од Али експрес. Беда и срам, што би рекле Србите уби ме туѓа срамота. Видела жабата ги потковуваат коњите, па и она дигнала нога. Моќта и силата на државата која парадираше е сведена на она што е – загубена држава без моќ, без авторитет, без ресурси и без ниту еден успех со кој, барем на парада, може да се пофали.

Ги немаше трамваите што ги ветија Шилегов и Заев пред минатите локални избори. Не видовме ниту претставници од Гугл и Мајкросфот кои ни ги ветија пред парламентарните избори. Ги чекав батаљоните со марихуана, главниот економски производ на оваа власт, но изгледа шарениве ги киднапирале, се надувале па не се појавија. Барем да ја прошетаа ташната Луј Витон, симбол на владеењето, ама слушнав ја чувале. За следни операции.

Важно видовме три хаварисани хеликоптери за кои Стојанче Цреп ни кажа дека не летале ноќе за да гасат пожари, ама за парада ете, пролетаа. За жал го немаше ФАПот од противпожарна, нашиот херој на трудот, Алија Сиротановиќ на денешниот режим.

Државна парада без држава. На која држава и беше посветена парадата кога слушнавме музика од химна, ама не и зборовите на химната кои ја величаат државата. Домазет држава. Слика има, тон нема. Парада без држава на која претседателот на собранието, Џафери, на државјаните им се обрати – на албански јазик. Не разбарав ништо што збори македонскиот шеф на парламентот, бев убеден дека го слават Косово, а не Македонија.

Кај комунистите на парада излегува масовно целиот работен народ и младината, селаните и поштената интелигенција, организирано. Кај нас видовме одбран дел од власта, седнати во столици како на летно кино, и пар стотини партиски членови како поддршка. И толку. Дури ни поштена интелигенција немаше.

Немаше народ. Нема кој да ја поддржи власта. Се крие власта од своите државјани, оградена со железо, со повеќе полицајци отколку дочекот на Папата. На прославата 20 години државност, со минатата власт, имаше 30.000 луѓе. Колку за потсеќавање.

А меѓу присутните, веднаш до претседателот на државата, седната судијката од Уставен, Кацарска. Да, таа Добрила Кацарска. Ако е фер, до неа требаше да седи Катица Јанева, сепак има нијанса поголеми заслуги за оваа власт од Кацарска. Можеа да ја пуштат и неа на “здравствено“ отсуство по повод парадава.

Заев се огреши и во однос на Димитар Апасиев, и Левица. Ваква комунистичка парада е створена за Апасиев и Левица кои требаше да ги видиме веднаш зад Кацарска. Слушам дека им делеле диазепами на сите дваес души во Левица за да ги смират. Лубрикантите се потрошиле. Левица и Апасиев имаат заслуги за почесни гости барем по два основи. Заслужни за оваа власт од нивната “шарена револуција“ и разбивачи на опозицијата.

Накусо, парастос на македонската држава од кој се срамат сите. До толку беше блам и срамота што дури ни “невладините“ шарени, задолжени за апотеоза на власта и прогон на опозицијата, нит на Фејсбук а ни на Твитер, па дури ни товените нивни портали – не кажаа ни збор пофалба за овој парастос. Дури ни деценискиот партиски телал Зоран Иванов не го пофали овој идеолошки потфат на неговиот син Игор, Изи Иванов.

Мора и таткото да бил шокиран од перформансот, обидот за парада, кога ликот со точак се прошета пред претседателот на државата сред парада а двеста полицајци гледаа и беа убедени дека и тој е дел од сценариото за успесите на државата. Поштено, на крај излезе дека е така. Ликот со точакот на парада стана метафора за државата денес.

Па зошто воопшто се одржа оваа срамота? Затоа што власта нема никаква претстава за реалниот живот, нема веќе кој да ја фали освен самата себе, и традиционално за да земат некој 100.000 евра тие што се мотаа во организацијата. Изи и Забрчанец, за почеток.

Дали Господ гледа и казнува, или е некоја проклетија на власта која мора сите да ја плаќаме, пак за време на парадирање на власта се случи трагедија. Додека за Илинден, власта глумеше прослава без народ во Крушево, од Кочани па натаму, тргнаа пожарите. Веста ја дочекаа во славеничките фотељи во Крушево.

И за оваа парада без народ им стаса вест за пожар. Овојпат од Тетово. Изгоре модуларна ковид болница со петнаесет починати како последица од пожарот. Ужасна вест, ужасен настан, ужасен крај на болни луѓе дојдени таму по здравје, а испретни во смрт. Во истата болница која почна да работи иако, официјално, не беше спремна до крај. Истата во која неодамна беа пресечени цевките за кислород.

Веста ја објавија сите низ регионот, и никому не му беше јасно како можело тоа да ни се случи. Не им е јасно затоа што не живеат тука, да се овде немаше да имаат дилеми. Корупција. Како и за се друго трагично во оваа држава, корупцијата и тука е причина. Од набавката преку омилениот бизнисмен на режимот, Анѓушев, на кој Фамилијата му го наметна и нивиот ортак од Валандово да поделат пари, па се до поставувањето на неписмени корумпирани лица за управување со тетовската болница и со тетовската општина на чело со Теута Арифи, џокерот на мафијата од тетовски Еколог.

Кога на сето тоа ќе се додаде Филипче, трагедијата е спакувана. Нема ниту еден пример, ама баш ниту еден и со боринче да го бараш, на успешна одлука или проект во кој учествувал Венко Филипче. Освен неговата куќа во Нерези, секако. Што фатил Филипче, пеплосано е. Од 6.000 починати од корона, до 15 запалени во тетовската болница.

И, под притисок на јавноста, Филипче нуди оставка. Не дава оставка, само ја нуди. Понуѓен к‘о почашќен. Како Филипче понуди оставка, така тајфата околу него, тие што ги постави на разни функции и “невладините“ ботови, организираа “одбрана на Филипче“. Не го давааат. А од кого го бранат? Од себе. Тешко ќе оди тоа. Ваквата игранка на власта уште повеќе го зголемува убедувањето дека власта, режимот со парастос парадите и трагедии во низа, се промашена инвестиција.

Неуспешниот вмровски кадар Венко Филипче и со новиот дрес на СДС докаже дека не му е место во политиката. Клинчката болница во Штип остана руина, а парите отидоа во неповрат. Во Струга и низ цела западна Македонија лекари му работат на диво, гинеколози масакрираат пациентки без да бидат казнети, државата му се пеплоса од смртност во епидемијата без организирана здравствена заштита и без вакцини кога е најпотребно. Го фатија во обид за корупција при набавка на кинески вакцини. Наплаќаше тестови за корона пет пати поскапо од набавната цена... Постојано го има во ударните вести за црна хроника. Последиците од вирусот Венко Филипче се масовно фатални.

Заев вели дека ќе се чека истрага, па потоа ќе каже дали ја прифаќа оставката на Филипче. Сами на себе ќе си водат истрага. Резултатот однапред е познат, како и за сите други истраги и сите судења од СЈО па наваму. Затоа судии ќе им седат на столчињата за државници на парастос парада. Обвинителите и судиите станаа дел од извршната власт. Па ти види каква истрага ќе биде, и кому ќе се суди за пожарот во тетовската болница. Како и за марихуаната што ја фаќаа во комбиња, кешот на Ден Дончев, и се друго...

Дали заборавивме дека има еден адвокат и судијка кои беа директно посочени, од сведоци, дека од нив почнува рекетот за милионот од Луј Витон ташната на Кичеец и Боки 13. Ги немаше во обвинението. А изјавата на Боки каде е ташната со милиониот...

Суштински, на обвинителна клупа и судење седиме сите ние. Државјаните кои не се дел од Фамилијата и режимот. Ние ја плаќаме казната за нивните злодела, со губење работа, губење граѓански права, етничко понижување, губење држава, пропаднати бизниси ако се нашле на патот на Фамилијата, губење гласачко право кога во Арачиново, Грчец, Сарај, Кондово, Тетово... дилери полнат гласачки кутии а вашиот глас губи важност, губење равноправност пред законот во секој судски процес ако не те штити Фамилијата...

И кој е крив. Ако во 2014-та беше прифатливо Заев, шеф на опозиција да оди кај премиер и му нуди рекет – повлечи се или ќе пуштаме незконски снимени телефонски разговори, после тоа е прифатливо се што следи. И пуштање на туѓите разговори за свои политичи потреби, а за сеир и забава на народот. И прогласување херои за двајцата од МВР кои снимките ги создавале, незаконски, по барање од Зоран Верушевски, а не од власта...

Ако тоа за тебе било прифатливо, си прифатил и создавање на СЈО, институција надвор од македонскиот Устав за прогон на опозицијата и за сопствена заработка низ корупција. Ти било прифатливо да гледаш пакувана, партиска “шарена револуција“ во која неказнето се тепаат полицајци и уништува државен имот за да се добие власт без победа на избори.

Ако си верувал дека таа власт, од улица, која уште од опозиција се служела со рекет, корупција, соработувала со дилери и мафија навистина ќе ги донесе Гугл и Мајкрософт во Македонија и “жими деца“ нема да го менува уставното име, “ебаму името да му ебам“, и нема да воведе двојазичност и попис со однапред познат резултат... Тогаш верувај и дека утре ќе биде подбро со нив. Корупцијава е очекуван дел од таквата политика.

И парастос парадата, и пожарот во тетовската болница се логична последица на сето претходно спомнато. Резултат на тоа. Затоа што се има свој почеток кој сите го гледавме, и го гледаме, и крај што може да се предвиди.

Писателот рекол: маме му ебам кој прв почна. А што би им кажал на тие што продолжиле? Драмата е во тек. Крајот зависи од тоа кога публиката ќе стане на нозе.

(Д.П. Латас, 13.09.2021)

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk