logo
logo
logo

Кисинџер: Втората американско-кинеска студена војна - ПООПАСНА ОД ПРВАТА

Vecer | 26.03.2023

Кисинџер: Втората американско-кинеска студена војна - ПООПАСНА ОД ПРВАТА

Кисинџер: Втората американско-кинеска студена војна - ПООПАСНА ОД ПРВАТА

„На крајот ќе треба да најдеме место за Украина и место за Русија, ако не сакаме Русија да стане истурена станица на Пекинг во Европа“.

„Втората студена војна“, водена меѓу САД и Кина, може да биде поопасна од првата, која ги спротивстави Вашингтон и Москва. Ова го изјави поранешниот претседателски советник за безбедност и државен секретар на САД, Хенри Кисинџер, во интервју за британскиот историчар Ниал Фергусон, објавено од шпанскиот весник „Ел Мундо“.

„Две земји способни да доминираат во светот – САД и Кина – се соочуваат една со друга како последни претенденти. Тие се управувани од некомпатибилни внатрешни системи“, рече Кисинџер, според кого војната меѓу Вашингтон и Пекинг „може да ја собори цивилизацијата, ако не и целосно да ја уништи“.

Како што истакна поранешниот американски функционер, и двете велесили сега имаат споредливи финансиски ресурси, што никогаш не било случај за време на првата Студена војна, а технологиите на уништување се уште пострашни, особено со појавата на вештачката интелигенција.

Кисинџер смета дека „да се чека Кина да западне“ повеќе не е веродостојна стратегија.

„Не мислам дека доминацијата во светот е кинески концепт“, забележа тој, но двете суперсили „имаат минимална заедничка обврска да спречат да се случи катастрофален судир“.

Рускиот претседател Владимир Путин „е на чело на земја во пад“ и „го изгуби чувството за пропорција“ со војната во Украина. „Нема оправдување“ за она што го направи Путин, рече Кисинџер.

“Рускиот претседател има „визија за Русија како еден вид мистичен ентитет кој се одржува заедно низ 11 временски зони со некаков духовен напор. И во оваа визија Украина одигра посебна улога. Швеѓаните, Французите и Германците поминале низ таа територија кога ја нападнале Русија и делумно биле поразени бидејќи патувањето ги исцрпило. Ова е визијата на Путин“, рече Кисинџер.

Во однос на украинскиот претседател Володимир Зеленски, Кисинџер истакна како „извршил историска мисија“.

„Тој доаѓа од позадина која никогаш не се појавила во украинското раководство во ниту еден момент во историјата“ - во однос на фактот дека Зеленски е, како Кисинџер, Евреин.

„Тој беше случајен претседател поради неговата фрустрација од политиката во земјата. И тогаш тој се соочи со обидот на Русија да ја врати Украина во позиција на целосна зависност и потчинување. И тој ја собра својата земја и светското мислење зад себе на историски начин. Тоа е негово големо достигнување“, истакна поранешниот американски функционер.

-НАТО мора да си го постави прашањето како да се стави крај на војната во Украина, рече тој повторно.

„На крајот ќе треба да најдеме место за Украина и место за Русија, ако не сакаме Русија да стане истурена станица на Кина во Европа“, објасни Кисинџер.

НАТО беше „вистинската алијанса за справување со агресивната Русија кога таа беше главната закана за светскиот мир“, рече поранешниот американски функционер.

“Атлантската алијанса стана „институција која ја рефлектира соработката меѓу Европа и Соединетите Држави на речиси уникатен начин. Затоа е важно да се зачува“, рече Кисинџер, според кого „исто така е важно да се признае дека големите прашања ќе се случат во односите на Блискиот Исток и Азија со Европа и Америка“.

Во оваа смисла, „НАТО е институција чии членови не мора да имаат компатибилни гледишта“.

Единството покажано за Украина „ги потсети на старите закани и тие направија многу добро. Останувам на тоа што го направија. Прашањето сега ќе биде како да се стави крај на војната“, додаде тој.

Фото: профи

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk